Некогаш најдоминантниот центар во НБА-лигата, Двајт Хауард, ќе се обиде да се врати во посакуваниот ритам заминувајќи од Хјустон рокетс и потпишувајќи договор со екипата на Атланта хоукс. Хауард, кој го има прекарот „Супермен“, стана слободен играч по истекот на договорот со Хјустон и не чекаше премногу време за да го објави својот следен ангажман, потпишувајќи договор за тригодишна соработка со Атланта.
– Хауард ќе потпише тригодишен договор за вредност од 70,5 милиони долари. Во просек тоа е плата од 23,5 милиони долари по сезона, што е највисока сума за центар кој е слободен агент – информираат американските медиуми.
Двајт Хауард најавуваше блескава кариера откако го предводеше Орландо до НБА-финале, но честите конфликти со тренерите и соиграчите придонесоа неговата форма да почне се повеќе да се движи во надолна линија. Тој се пресели во ЛА лејкерс каде воопшто не функционираше со Коби Брајант, следеше и трансфер во Хјустон каде исто така не се прослави, па јасно е дека Атланта е негов можеби последен обид да се докаже како еден од најдобрите центри во лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.