| четврток, 6 декември 2018 |

Еден век низ очите на Коџомановци

Ексклузивна изложба на дела од трите генерации ликовни творци во уметничкото семејство Коџоман беше отворена за 40. роденден на Младинскиот културен центар во Скопје

Претставени се по седум дела од секој автор, Вангел Коџоман I – еден од основоположниците на современото македонско сликарство, Милош Коџоман II – автор кој го отвори поглавјето на нови тенденции во македонската уметност и Вангел Коџоман III, автор кој доследно чекори по стапките на неговиот дедо и неговиот татко, навестувајќи дело со силен индивидален печат.

Автор на изложбата е македонскиот ликовен критичар Емил Алексиев. Изложбата ја отвори директорот на МКЦ, Златко Стефковски, кој воедно ја пушти во употреба реновираната уметничка галерија на МКЦ.

kodzoman02

Фотографии: Игор Ангеловски

Поставката е извонредна прилика за посетителите да го видат развојот на македонското сликарство во три генерации, од 1920-тите години, до денес.

kodzoman05

Посетители пред делата на Вангел Коџоман I инспирирани од скопската Стара чаршија.

 

kodzoman01

Љубопитност кај посетителите предизвикаа делата на Коџоман III, автор кој публиката до сега ретко имала прилика да го види – тие што ја пропуштиле неговата прва самостојна изложба во 2011 година. Дела што изненадуваат и навестуваат изненадувања.

kodzoman03

„Кокино“, Вангел Коџоман III

kodzoman06

 

Отворањето на изложбата привлече многу посетители. Меѓу нив, голем број реномирани ликовни уметници. Милош Коџоман II и Глигор Чемерски.

Вангел Коџоман I е еден од основоположниците на модерната уметност во Македонија. Во 1928 година завршил наставен отсек на Уметничката школа во Белград. Негови дела првпат биле изложени во 1929 година на групни изложби во Белград. Опусот на Коџоман I е изграден врз искуствата на постимпресионзмот, фовистичките и експресионистичките искуства во ликовнат
а уметност, при што во постапката се стремел да ги вклучи сталожените искуства на модерната уметност.

Милош Коџоман II се школувал во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, а во 1974 година дипломирал на педагошката академија „Климент Охридски“. Почнувајќи од неговата прва, забранета самостојна изложба, „Дрога“, во 1973-74 година, дал иницијален придонес кон новата уметничка практика и го отворил поглавјето на нови тенденции во македонската уметност.

Вангел Коџоман III е третиот автор во семејното уметничко стебло. Во 2010 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, насока сликарство, во класата на професор Благоја Маневски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top