Со претставите „Сонети“ и „Ш“ во изведба на Битолскиот театар, вечер се спушта завесата на најновото издание на „Битолскиот Шекспиров фестивал“.
Според Валентин Светозарев и Благој Мицевски, првите луѓе на фестивалот во Битола, годинaшниот „Битолски Шекспиров фестивал“ беше во знакот на 400 години од смртта на Вилијам Шекспир и многубројната публика, која ги исполни салите во Битолскиот театар.
-Зад нас оставаме исклучително вреден фестивал, кој донесе театарски претстави, кои засекогаш ќе останат во театарската меморија. Во Битола гостуваа актери од Израел, Полска, Србија. Посебен интерес кај публиката предизвикаа заедничките претстави на Битолскиот театар со театрите од Русија и од САД, односно музичкосценскиот перформанс „Шекспир засекогаш“ во кој настапија актери од театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург и претставата „Сонети на летната ноќ“, во која заедно со нашите актери настапија и актерите од театарската компанија „Лит Мун“ од Санта БарбараКалифорнија. Двете претстави ќе бидат прикажани во САД и Русија, потврди директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев.
На денешната прес-конференција беше посочено дека претставите „Сонети“ и „Ш“ од Вилијам Шекспир, во режија на Јован Ристовски и Ангелчо Илиевски, со кои вечер завршува „Битолски Шекспиров фестивал“, на 31 јули ќе бидат одиграни на фестивалот „Охридско лето“.
Интернационалниот „Битолски Шекспиров фестивал“ се одржува под покровителство на Министерството за култура, а в година се очекува да биде домаќин и организатор на конференција на Европската асоцијација на Шекспирови фестивали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.