Елена Миленковска неколку години носи свежина во македонскиот музички етер. Ја запознавме како тинејџерка, прво со звук и лик на младо и фино девојче, за подоцна, соодветно на музиката и на годините, целосно да го промени својот изглед. Денес младата македонска пејачка се угледува на светската музичка сцена обидувајќи се да го донесе трендот тука.
Миленковска неодамна промовираше уште една песна, со „провокативен“ видеоспот, збор за кој вели дека Македонците го употребуваат многу често и непотребно.
Твојата нова песна „Ти ми рече не“ само што излезе во етер. Колку си задоволна од реакциите на публиката и на што работиш сега?
Миленковска: Јас сум задоволна од реакциите на публиката, добив одлични коментари за песната, а самото тоа дека на едно од нашите радија беше две недели прва на топ-листа, ме направи уште посреќна. Убаво е кога знаеш дека песната ја пуштаат на радио, а уште поубаво кога сам ќе си ја слушнеш. Верувам дека оваа песна има потенцијал да стане хит. Во моментов во студио се работи на нешто ново, што мислам дека до крајов на летово ќе биде веќе во етер, работиме на тоа.
Позната си по тоа што не штедиш кога станува збор за видеоспотовите. Сите твои песни се придружувани со квалитетен и светски видеоспот. Така е и со последната песна. Колку е според тебе важен видеоспотот?
Миленковска: Пред сѐ, ви благодарам, убаво е да чуеш дека имаш светски спотови. И да, не штедам кога се во прашање видеозаписите. Мислам дека кога ќе се сними песната, вреди да се сними и добар спот за неа за да се долови оној целосен пакет и вистинската емоција што ја носи артистот. Исто така, запознавање на артистот преку видеозаписи, публиката сака да види нешто ново, јас сум сигурна во тоа. Мислам дека дојде такво време кога и во Америка и секаде во светот секој артист за секоја нова песна вади видеозапис, а сето тоа е многу поквалитетно кога е со добра замисла. Никогаш нема ни да штедам кога е во прашање музиката и она што го сакам и работам, а секој нареден проект сакам да биде поквалитетен, работам на себе.
Немаш проблем да го покажеш тоа што го имаш. Имаш провокативни фотосесии, видеоспотови… Сметаш ли дека така подобро ќе допреш до публиката?
Миленковска: Не, апсолутно. Не сакам на тој начин да допрам до публиката, ниту, пак, мислам дека сум пристапила досега со некои екстремно провокативни фотосесии, сигурна сум во тоа. Проблемот е во тоа што сѐ уште се употребува зборот „провакативно“ кога некој артист ќе се слика во боди. На пример, како јас на последната фотосесија. Артист е во прашање, уметник кој треба да покаже сѐ што носи во себе и на каков било начин да ѝ покаже на публиката зошто е тоа што е. Сѐ е убаво кога е во границите на нормалата, а јас, фала богу, сум целосно во тие граници. Покрај светскиот тренд и светските видеоспотови, мислам дека луѓето треба да почнат да ги уриваат бариерите околу провокативното.
Македонија сѐ уште е малку конзервативна на таа тема. Што би променила ти во сегашната музичка сцена?
Миленковска: Ете токму тоа и го спомнав. Македонија сѐ уште е конзервативна за многу теми и затоа сите се борат да станат нешто… А, кога сме кај промени, многу нешта би променила. Пред сѐ, многу повеќе да се пушта македонска музика на телевизиите. Многу повеќе музички програми. Музички емисии, фестивали, случувања… Многу фали македонска музика, луѓе, и многу ми е мило кога ќе слушнам нова песна, многу ми е мило кога ќе се појават нови артисти. Сето тоа докажува дека имаме, но, сепак, треба малку поддршка и од народот и од новинарите.
Сѐ повеќе пејачи се решаваат талентот да го покажат преку музичко шоу. Си размислувала ли некогаш да се пријавиш?
Миленковска: Не сум размислувала никогаш на музичко шоу. Веројатно поради тоа што веднаш по „Макфест“ почнав да соработувам со „Горила продукција“, со која почнав да работам од сингл за сингл, па и до ден-денес така.
Во тој случај, би запеала ли и турбофолк, ако веќе дојде до тоа?
Миленковска: Турбофолк луѓе… Земјава ни е преплавена од турбофолк и од српски артисти, па затоа и малку простор остана за нас. Не би пеела никогаш турбофолк, не сум од тој тип луѓе што имаат предрасуди за таа музика, зошто секој е човек за себе и секој го пее тоа што го исполнува, но јас не се пронаоѓам во таа музика и не ме исполнува, ниту, пак, допира.
Пееш од седум години и во моментов студираш на Музичка академија. Покрај усовршувањето на твојот талент, што правиш за да се подобриш себеси како личност и како човек, и физички и психички?
Миленковска: Да, пеам од многу мала, а веќе стигнав 4. година на Музичка академија во Скопје на отсек соло-пеење – популарни жанрови. Брзо поминува времето (се смее). Не правам многу, за жал, бидејќи и самото време е премалку! Денот е краток, но секое слободно време кое го имам си го посветувам себеси размислувајќи за многу теми, читам книги, трчам на кеј, посетувам сала за вежбање, се гушкам со моето куче, една од работите што најмногу ми ја исполнуваат душата, исто така пробувам да поминам убаво време и со моите најблиски. Ова мислам дека се доволно причини за еден човек да биде во добра психичка и физичка состојба.
Пишува: Марина Костовска
Фото: Ани и Дими
(Текст објавен во 199. број на неделникот „Република“, 24.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст