| четврток, 6 декември 2018 |

Павле Пекиќ, Ејла Бајовиќ, Сулејман Купусовиќ и претставата „Автобус“ се наградени на фестивалот „Гола месечина“

Вечерва по изведбата на претставата „Нешто пропуштаме“ на Театар Комедија ќе бидат доделни наградите за најдобар актер/актерка, најдобра режија и најдобра претстава, а за кои решаваше трочлена жири-комисија во состав:  Лилјана Мазова, претседател, Славен Видак (БиХ) и Димче Николовски.

Според одлуката на жирито на „Гола месечина“ наградите годинава одат во рацете на:

1.Наградата за најдобра машка улога му се доделува на Павле Пекиќ за ликот на Елинг во претставата Елинг, во продукција на Белградско драмско позориште, Белград, Србија. Павле Пекиќ со широк дијапазон на актерски средства, со раскошот на својот талент прецизно ги става во рамка суштините на уметноста на актерот – а тоа е партнерската игра.

2.Наградата за најдобра женска улога и се доделува на Ејла Бајовиќ за ликот на Даница Чворовиќ во претставата Балкански шпион во Сараево, во продукција на Народното позориште во Сараево, БиХ. Ејла Бајовиќ во култниот текст на Душан Ковачевиќ, со елементите на драмската игра со извонредно чуство за темпо и ритам, со префинет хумор на сцената оживеа убедлив трагикомичен прототип на балканска жена.

3.Наградата за најдобра режија му се доделува на покојниот Сулејман Купусовиќ за Балкански шпион во Сараево, во продукција на Народното позориште во Сараево, БиХ. Сулејман Купусовиќ со различни критички ангажирани постапки го поставил текстот на Душан Ковачевиќ, при што вешто владее со настаните во кои се препознава нашето поширо балканско милје, а од гледачот прави соучесник во изведбата.

4.Гран-при за најдобра претстава се доделува на Автобус во продукција на Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија, Бугарија, сценска верзија и постановка на Здравко Митков. Седуммината актери, режисерот и сите други реализатори на сценската изведба, создале сложено, воедначено уметничко дело во кое цврсто се поврзани сите елементи на комичниот театарски израз, при што се остварува силна емоционална комуникација со публиката.

„Гола месечина“ почна на 20 јуни, а на сцената на СЦ „Ново Лисиче“ присутните имаа можност да видат вкупно 8 претстави: “Автобус“, „Балкански шпион во Сараево“, „Елинг“, „Хамлет од Горно Дупени“, „Парламентарки“, „Жорж Данден“, „Македонска приказна“ (на Театар за деца и младинци, кому стручното жири едногласно, како што впорочем беа доделени и останатите награди, реши му додели пофалница заради умешноста во изведбата, шармот и енергијата што ја носи самата претстава)  и „Нешто пропуштаме“ за крај.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top