| четврток, 6 декември 2018 |

Лекарската комора го поздрави зголемувањето на капитацијата за матичните лекари

lekari doktoriЛекарската комора на Македонија (ЛКМ) денеска преку соопштение ја поздрави реализацијата на одлуката за зголемување на капитацискиот бод од 50 на 55 денари, при што матичните лекари ќе добијат 10 отсто зголемување за поквалитетна грижа за здравјето на пациентите.

По договорите со Лекарската комора на Македонија и направените пресметки, одлуката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за зголемување на капитацискиот бод е донесена кон крајот на минатата година, со најава дека ќе почне да се применува од 1 јули, наведуваат од ЛКМ.

Со корекцијата на капитацискиот бод ќе бидат опфатени повеќе од 1.500 тимови на матични лекари кои што работат во над 1.080 ординации со кои ФЗОМ има склучено договор.

Последното покачување на капитацискиот бод за матичните лекари беше направено во 2011 година, кога тој од 45 е зголемен на 50 денари.
Зголемувањето на капитацискиот поен, според очекувањата, треба да обезбеди и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита, а тоа, несомнено ќе се рефлектира и на подобрување на квалитетот на здравствените услуги на осигурените лица, односно граѓаните.

Лекарската комора во натамошниот период ќе работи на подобрување на условите во кои работат лекарите, нивната финансиската состојба и ќе настојува низ преговори со ФЗОМ, Министерството за здравство и други надлежни институции, да обезбеди подобрување на квалитетот на здравствената заштита. Одлуката за корекција на бодот, според зацртаната процедура ја верификува Управниот одбор на Фондот, а стапува на сила по добивање согласност од Министерот за здравство и се објавува во Службен весник на Република Македонија, стои во соопштението.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top