Екипи на Секторот за превенција при СВР-Штип, Противпожарната единица и Шумската полиција денеска ги посетија селата на планината Плачковица во Општина Карбинци, со цел населението да го информираат и да бидат претпазливи при појава на шумски пожари.
Началникот на Отсекот за превенција во Полициска станица во Штип при СВР-Штип, Ангелчо Стојановски истакна дека при извршениот увид констатирано е дека има доста голема вегетација која е во фаза на сушење. Затоа апелираат до сите да ги преземат превентивните мерки да не дојде до пожари на отворено.
– За време на изведување на жетвената сезона апелираме до граѓаните да не прават запалување на стрништата. Исто така им укажуваме на граѓаните дека палењето на огин на отворен простор на 200 метри од работ на шумскиот појас претставува прекршок, а согласно Законот за шуми казната е доста висока и изнесува 2.500 евра, вели Стојановски.
Според статистиката на Противпожарната единица во Штип минатата година биле регистрирани 82 пожари на отворено, од кои над 40 се запалени стрништа, кои можат да предизвикаат и шумски пожари, доколку не се контролираат. Запалените стрништа преставуваат опасност и за возачите на регионалните и магистрални патишта, минатата година поради запалено стрниште на регионалниот пат Свети Николе-Куманово поради намалената видливост беше предизвикана сообраќајна несреќа, едно возило во движење се запали, со што во опасност беа доведени учесниците во сообраќајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.