Земјотресот наречен Брегзит продолжува да ја тресе Велика Британија, објави „Алфа“. Откако британскиот премиер, Дејвид Камерон, од редовите на конзервативците, најави оставка по одлуката на Британците да ја напуштат Европската унија, потреси ја зафатија опозициската Лабуристичката партија. Дури петмина нејзини министри во сенка поднесоа оставки во знак на незадоволство од тоа како партиското раководство, на чело со Џереми Корбин, се поставило кон референдумот. Лабуристите беа дел од кампањата за останување на Британија во Унијата, по чиј неуспех беше побарана оставка од Корбин, која тој ја отфрли.
Брегзит ги ослабгна уште повеќе врските меѓу Шкотска и централната власт, која откако најави дека ќе бара втор референдум за отцепување, сега му се закани на Лондон дека ќе го блокира напуштањето на Британија од ЕУ. Шкотската премиерка, Никола Стурџеон, денеска изјави дека шкотскиот парламент ќе се обиде и ќе го блокира излегувањето од Унијата, повикувајќи се на потребата таквата одлука да добие зелено парламент.
Во меѓувреме британските и светските медиуми јавуваат дека до денеска три милиони Британци се потпишале на барањето за одржување на втор референдум.
Истовремено министрите за надворешни работи на шесте земји основачи на ЕУ побараа раздружувањето на Британија од Унијата да биде брзо за да се избегне несигурноста за другите 27-членки. Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, отиде чекор понатаму барајќи Британија уште в вторник, на самитот на ЕУ, да поднесе барање за излегување од Унија. Целата еуфорија се обидува да ја смири германската канцеларка, Ангела Меркел, која порача дека ЕУ нема потреба да биде особено непријатна во никој поглед во разговорите за раздружување. Ставот на Меркел е да не се притиска за брзо раздружување.
„Не треба да трае вечно, тоа е точно, но јас не би се борела за поставување на краток рок“, изјави Меркел.
Според неа треба да се бараат објективна и добра клима во разговорите со Британија кои мора да се спроведат соодветно.
Во меѓувреме државниот секретар на САД, Џон Кери, најави дека в понеделник, пред самитот на ЕУ, ќе ги посети Брисел и Лондон на итни разговори со претставници на ЕУ и на Велика Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.