– Доколку Европската унија по „Брегзит“ продолжи да се разединува, нејзиното проширување ќе биде ставено на дното на приоритетите, а прашање е дали државите на Балканот ќе сакаат да влезат во ЕУ ако е во таква состојба – смета Корина Стратулат од Центарот за европската политика (ЦЕП) во Брисел.
Од Центарот оценуваат дека излезот на Велика Британија од ЕУ може да има двојно влијание на политиката за проширување на Унијата. Корина Стратулат, аналитичарка во ЦЕП задолжена за Западен Балкан, во изјава за „Танјуг“ вели дека сѐ зависи од тоа како ЕУ ќе реагира на Брегзит.
– Прашањето е дали ќе се тргне кон зближување со нови земји или кон уште поголемо разединување во блиска иднина. Доколку се случи првото, тоа би можела да го зајакне политичкиот приоритет на ширењето, иако се сомневам дека тогаш земјите-членки ќе се откажат од строгоста на условите за влез во ЕУ, што би значело дека процесот на проширување нема да се забрза – оценува Стратулат.
Доколку се случи, пак, второто сценарио за разединување на Унијата, според нејзините зборови, тоа би значело дека проширувањето ќе биде ставено на дното на листата на приоритети.
– Тука треба да се постави прашањето дали балканските земји во ситуација на понатамошен распад на Унијата сѐ уште ќе сакаат да ѝ се приклучат – заклучува аналитичарката.
Највисоките европретставници во своите први реакции по одлуката Велика Британија да се оддели од ЕУ ја нагласија одлучноста сегашните 27 членки да го сочуваат единството на Унијата. Истовремено, веќе се огласија крајно десничарските партии во Франција и Холандија, кои ги повикаа граѓаните на референдум за излез од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.