| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо да менаџираат со зградите, управители ги крадат станарите

згради-12

Шест години по воведувањето на лиценцирани управители на станбени згради, сопствениците на станови сѐ уште се жалат дека имаат проблеми со дел од нив. Им издаваат сметкопотврди наместо фактури во кои не се наведува каде се трошат парите, а немат ниту информација каде завршуваат парите уплатени во резервниот фонд наменети за поголеми инвестиции. Дека дел од колегите не ги почитуваат законите и се нелојална конкуренција на другите, потврдуваат и од Групацијата за домување и управување со станбени згради во Стопанската комора која бара да се зајакне надзорот на лиценцираните управители преку државно инспекциско тело за домување и заострување на мерките за одземање на лиценците на управителите.

Групацијата бара и да се регулира постоењето на подружниците во градовите бидејќи има случаи во кои подружниците функционираат без соодветни канцеларии и граѓаните се ставени во позиција да немаат каде да се обратат.

Зоран Димитриевски, лиценциран управител од Куманово, член на Групацијата за домување и управување со станбени згради, вели дека со вакви проблеми се соочуваат кога преземаат зграда од нивни колеги.

– Најчесто имаме проблем со примопредавањето на документите од кои треба да знаеме дали зградата има долгови, колку пари има собрано во резервниот фонд и дали се тие ненаменски трошени. Со дел од колегите кои работат незаконски имаме проблеми и по неколку години за да ги преземеме документите. Единствено со тужба можеме да ги заштитиме граѓаните. Имаме згради кои со години не се одржувани, а имаат зголемен резервен фонд, но парите се заробени кај претходниот управител – вели Димитриевски.

Даниела Михајловска – Василевска од Комората потврдува дека Комората ги има согледано проблемите на управителите кои работат законски со нивните колеги кои не ги почитуваат законите.

– На пазарот функционираат управители кои не издаваат фактури за своето работење, туку уплатници и тоа за неколку месеци однапред што е спротивно на законот. Нудат пониска цена за услугата. Дел од нив не ги дефинираат ставките во резервниот фонд, а други парите од фондот што се наменети за инвестиции ги трошат за тековно одржување што исто така е незаконски. Проблеми настануваат и при преземањето на зградите од еден на друг управител поради непредавање на документацијата, па зградите остануваат со големи долгови – вели Михајловска – Василевска.

Овие фирми ги плаќаат сите обврски кон државата, подвлекува Михајловска – Василевска, и затоа бараат фер услови на пазарот во насока на задоволување на потребите на крајните корисници.

Васе Самараков, претседател на групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор, вели дека проблем покрај нелојалната конкуренција од дел од управителите, е и тоа што дел од станарите нередовно ги плаќаат обврските.

– Од секој втор или трет станар во зградите надоместокот се наплаќа по присилен пат, преку нотар, извршител или суд, а со сметките се доцни во просек по три месеци. Наплатата, на пример, во мојата фирма оди 70 до 80 отсто. Останатото се станари кои не успеваат да ги подмират трошоците од различни причини. Дел од нив се социјалци, дел поради други причини – вели Самараков.

Најновите бројки кажуваат дека над 50 отсто од станбените згради, или околу 10.000 имаат ангажирано управители или именувано претседатели на станбени единици. Сега има 47 фирми лиценцирани управители, од кои активни се само 36, а на останатите им се одземени лиценците поради непочитување на законите. Фирмите управители вработуваат вкупно 360 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top