| четврток, 6 декември 2018 |

Со оперски гала-концерт на МОБ и изложба на Жарко Башески почнува 37. „Скопско лето“

Триесет и седмото „Скопско лето“ свечено ќе биде отворено вечер со оперски гала-концерт на Македонската опера и балет на плоштадот „Мајка Тереза“ (плато пред МОБ), под диригентство на Бисера Чадловска.

Ќе настапат солистите: Славица Галиќ-Петровска, Весна Ѓиновска-Илкова, Нада Талевска-Спасовска, Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Ѓорѓи Цуцковски, Зоран Сотиров, Ристе Велков и Дарко Нешовски и Оркестарот на МОБ.  На програмата се дела од Верди, Пучини, Бизе, Делиб и Моцарт.

Претходно, во галеријата Чифте-амам ќе биде отворена изложба на скулптури „Обичен човек“ на Жарко Башески, а пред официјалниот почеток на годинашното „Скопско лето“ во центарот на Скопје ќе настапат улични музичари по повод Светскиот ден на музиката.

skopsko_leto_2016-702x336

– Жарко Башески е автор отворен за експерименти кон барањето нов пластичен израз и лична сигнатура. Во провокацијата како за себеси, така и за другите, во своите експериментални бранувања концизно инсистира да се раскаже една животна приказна во делови, да ја раскаже приказната за обичниот човек и од неа да се постигне една нова и заокружена целина. Во тој склоп на околности, делата повеќе сугерираат на нивно исчитување отколку на набљудување – соопшти Националната галерија на Македонија која ја организира изложбата во соработка со Дирекцијата за  култура и уметност. Изложбата на Башески во Чифте-амам ќе биде поставена до 15 август.

До крајот на јули „Скопско лето“ во 41 ден ќе има повеќе од 50 програмски термини. Најмногу  ќе биде застапена музиката, со над 20 концерти на класична, народна и џез-музика. Ќе има десетина претстави од кои три премиерни (на Драмски театар, Албански театар и Театарот за деца и младинци), како и десетина атрактивни изложби во ликовната програма, од кои поголем број се организираат во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Дел од „Скопско лето“ и годинава ќе биде програмата Кафе-кино, која ќе се одржува од 2-ри до 11 јули во Сули ан. Ќе има и ревија на најдобри филмови од фестивалот на анимиран филм „Анимакс“.

Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје. Директорот Никола Глигоров на прес-конференција истакна дека се обиделе програмата  да има свежи и нови содржини или тие што веќе се прикажани да бидат видени на нови и интересни простори, пред сѐ отворени, како плоштади, локации во чаршијата итн…

На сцените на „Скопско лето“ ќе се појават речиси илјада уметници. Најголем дел од нив се македонски, што е и една од определбите на „Скопско лето“ – афирмација и презентација на домашното творештво. Тие ќе се претстават и како поединци, но и како членови на национални културни установи од Скопје и од други градови од Македонија.

Околу една третина од вкупните програмски термини се со меѓународен предзнак, со гости од петнаесетина држави, пред сѐ од соседни држави, од Европа и од САД

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top