| четврток, 6 декември 2018 |

Четири региони утре во портокалова фаза

Скопскиот, Осоговско – Малешевскиот, Јужновардарскиот и Пелагонскиот регион утре ќе бидат зафатени со температури од портокаловата фаза поради што се препорачува бремените жени и хронично болните лица над 60 години да се ослободат од работни обврски.

Од Министерството за здравство препорачуваат работодавачите да го реорганизираат работното време и да се избегнуваат активности од 11 до 17 часот. Во овие региони се препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во овој период, а особено во детските градинки да не ги изнесуваат децата на отворено.

Останатите два региони односно Полошкиот и во Охридско-Преспанскиот регион ќе бидат зафатени со температури од жолта фаза.

На граѓаните од целата држава им се препорачува да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури како што се заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Министерството за здравство напоменува дека е потребен и повисок степен на внимание при подготовката и консумирањето на храната поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови.

Повеќе информации за топлотните бранови граѓаните може да најдат и на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top