Железничките станици во земјава добиваат комплетно нов лик. Целосно е завршена модернизацијата на 6 од вкупно 10 станици долж Коридорот 10, вклучувајќи го и кракот 10-д. Реновирани се билетарите, чекалните, санитарните јазли, фасадите како и многу други делови од станиците со кои целосно ќе се подобри квалитетот на услугите за патниците.
Од Владата потенцираат дека после 70 години како се изградени, станиците досега не се обновени. Во завршна фаза е и реконстукцијата на железничката станица во Скопје, а наскоро ќе почнат и градежните активности за обнова на уште 4 станици.
– Набрзо се очекува отпочнувањето со градежните работи на железничките станици во Богомиола и Чашка во Велешкиот регион, а поради објективни причини има мало пролонгирање во однос на гевгелиската железничка станица, поради мигрантската криза како и чекањето на мислење од Управата за културно наследство во однос на реконструкцијата на железничката станица во Битола, изјави Александар Ѓорѓиев Портпарол на Влада на РМ.
Изминатиов период со инвестицискиот циклус во железничкиот сообраќај беа набавени 150 товарни вагони за кои беа инвестирани 13 милиони евра. Државата набави и 6 нови патнички возови во вредност од 25 милиони евра.
Од Владата информираат дека возниот парк ќе се обновува и во иднина. Предвидена е набавка на нови електрични локомотиви, за кои ќе бидат инвестирани 7 милиони евра.
Паралелно со модернизацијата на возниот парк продолжуваат и инвестициите во железничката инфраструктура. Тече изградбата на пругата Битола-Кременица кон Грција, а се реконструира делницата Ногаевци-Неготино. Се работи и на првата фаза од пругата кон Бугарија. Објавен е тендерот за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка.
Се прави и проектот за изградба на пругата кон Албанија. Со воз ќе се патува од Кичево до Лин со еден крак и до Охрид. Пругата ќе биде долга 63 км а се очекува проектот да биде готов до крајот на годинава, по што ќе се знае колку ќе чини изградбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.