Вечерва, петок (17 јуни) со почеток во 18, 30 часот во Музичкиот Центар “Борис Христов” во Софија свој концерт ќе одржи македонската оперска певица Гонца Богоромова-Краповски. На концертот кој е насловен како “Славјанска Беседа” нашиот сопран ќе биде музички придружуван од познатиот бугарски пијанист Милен Станев. На програмата подготвена специјално за овој настап, на 12 Фестивал на Уметностите “Борис Христов”, ќе бидат исполнети дела од П.И.Чајковски и С. Рахмањинов.
Сопранот Гонца Богоромова-Краповски има дипломирано на ФМУ Скопје, во класата на проф. Билјана Јакимовска. По дипломирањето, својот уметнички израз го надградува со педагозите Вјара Шуперлиева, Карло Коломбара и Дарина Такова. Своето професионално деби го остварува во 2006 г, како солист со Македонската филхармонија на фестивалот “Интерфест” во Битола. Во својата музичка кариера има соработувано со еминентни музички ансамбли и уметници,Македонската филхармонија, оркестарот на Државната опера во Пловдив, Минхенскиот камерен оркестар, како и со пијанистите Вјара Шуперлиева, Милица Шкариќ, Андреј Наунов, Татјана Огњановска, Милен Станев.
Концертот е резултат на соработката помеѓу Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија и Фестивалот посветен на големиот бугарски оперски пејач Борис Христов, а проектот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.