Снимањето од птичја перспектива стана вистински хит во Македонија. Беспилотните летала, попознати како дронови, кои се повеќе се употребуваат во светот, станаа дел и од нашето секојдневие, а засега најчесто ги користат фотостудијата и модните и маркетинг агенциите за снимање свадби, реклами и разни настани. Наспроти експанзијата во употребата, никој во нашата држава не знае колку дронови има, кој ги има и за што точно ги користи, иако регулатива и сега постои. Работите околу употребата на дроновите и нивната евиденција треба конечно да се искристализираат со носење на нов правен акт, поточно уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор, кој го подготвува Агенцијата за цивилна воздушна пловидба.
Агенцијата има изготвено работна верзија, но во конечната ќе ги вклучи и сугестиите на граѓаните, кои своите предлози веќе ги даваат по телефон и мејл, а имаат шанса да ги кажат и на јавна дебата што ќе се одржи следната недела. Од АЦВП велат дека во принцип и со сегашниот правен акт многу работи околу дроновите се уредени, но оние кои ги имаат и ги користат, не се запознаени со правилата, ниту пак знаат дека имаат обврска да ги пријават.
За разлика од сегашните три, со новата регулатива ќе се предвидат пет категории на дронови во зависност од нивната тежина и брзина. Леталата полесни од половина килограм ќе се третираат како играчки, а останатите ќе мора да се евидентираат во АЦВП. Оние од петтата категорија ќе се запишуваат во регистарот на воздухоплови, објаснува тој. Исто така, за управување, односно за пилот на дрон кој се користи во комерцијални цели ќе мора да се полага испит и да се добие дозвола. Според предложените правила, дроновите ќе ги имаат истите комерцијални намени што ги имаат и со постоечката регулатива. Тие ќе можат да се користат за снимање на свадби и други настани, а ќе биде полезно со нив да се снабдат и националните паркови за следење на опасностите од пожари.
Сепак со дронови нема да смеат да се превезуваат луѓе, животни, опасни материи или каков било друг товар. По донесувањето на конечната верзија на новата Уредба, која ќе се заокружи со сугестиите и мислењата на јавната дебата, Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе се обиде да ја информира целата македонска јавност за одредбите и правилата кои треба да се почитуваат.
Со новите правила се воведува и строга контрола над лицата кои ќе ги употребуваат дроновите. Во неа ќе биде вклучено и МВР со цел да се покрие целата територија на државата, така што нема да се остави многу голем простор за нелегални активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.