Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2016 година е за 0,1 процентен поен зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на мај 2015 година е зголемен за 6,5 процентни поени, објави Државниот завод за статистика.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во мај 2016, во однос на април 2016 година, е малку поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се дека ќе се зголеми, а залихите на готовите производи сe зголемени.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2016 година е малку поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна е во однос на мај 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2016 година изнесува 64,3 отсто од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 25,8 отсто, недоволната домашна побарувачка со 16,7 отсто, недостигот на квалификувана работна сила со 14,8 отсто и финансиските проблеми со 8,7 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.