| четврток, 6 декември 2018 |

Ново издание на Францускиот филмски фестивал

Новото издание на Францускиот филмски фестивал, кој традиционално, веќе 9 години, на македонската културна јавност и на вљубениците во седмата уметност и ги доближува најновите филмски остварувања на француската кинематографија ќе се одржи од утре до недела во Скопје и во Охрид.

Фестивалот на францускиот филм ќе се одржува паралелно во Скопје во Кино „Милениум“ и во Центарот за култура во Охрид и ќе понуди квалитетна и интересна програма имајќи предвид дека  истиот ќе се отвори со провокативниот филм  на алжирскиот филмски режисер Рашид Бушареб „Патот за Истанбул“, а македонската публика ќе има можност да ги види и филмот „Фатима“ на режисерот Филип Фокон, носител на 3 награди „Цезар“ на француската Академија за филмски уметности, „Страв“ на  Дамиен Одул награден со наградата Жан Виго на француските филмски критичари, како и филмовите „Ни на небо , ни на земја“, „Каприс“, „Судија“ и многу други филмски остварувања.

Особено радува податокот што  во рамките на фестивалот ќе се реализираат и други активности.

-Имено пред студентите од универзитетот за аудио-визуелни ЕСРА, г-дин Жилијен Езано  ќе ги претстави програмите за поддршка на филмот на  Националниот филмски центар на Франција (CNC) , а г-ѓа Одре Бијар, ќе го претстави   фестивалот за краткометражни филмови „Off-Courts“ (Oф-Кортс). Специјални гости на деветото издание на фестивалот  ќе бидат познатиот режисер Кристијан Винсент, актерката Астрид Ветнал и младиот актер Нино Роше, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Францускиот филмски институт и директорката г-ѓа Изабел Марки Барбо и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и  Нејзината Екселенција г-ѓа Лоренс Оер,  даваат големата поддршка и ангажман во реализација на овој фестивал кој ги продлабочува културните врски помеѓу нашите земји.

-Ќе посакам и оваа година да уживаме во присуството на еклузивните гости и во  убавината на подвижните француски слики, во естетиката која воодушевува,  поттикнува, инспирира, и ја крие тајната на популарноста која францускиот филм ја ужива секаде во светот, подвлече Канческа-Милевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top