| четврток, 6 декември 2018 |

Со доделување на „Златната маска“ заврши Фестивалот на француски филм

Со доделување на „Златната маска“ за животно дело на актерката Ањес Сорал и проекцијата на филмот „Семејството Белие“ на Ерик Лартиго, вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид заврши 8-от Фестивал на француски филм.

За Сорал добиената награда значи голема чест, пред се поради сознанието дека нејзината работа е наградена од љубителите на филмската уметност.

– Фактот што дознав дека сум првата жена што ја добива оваа награда уште повеќе ме трогна. Чуствата се разбирливи за сите, тие се универзални, истакна Сорал.

Француската амбасадорка Лоренс Оер посочи дека охриѓани имаат можност да видат филм кој имал голем успех во Франција. За добитничката на наградата истакна дека е позната француска актерка, режисерка и писателка, со големи ангажмани на полето на филмот.

Заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев ги поздрави присутните посочувајќи дека филмот има моќ да ги поврзе минатото, иднината и сегашноста преку создавање свест за поединецот и за колективот во една вечна сегашна форма.

– Филмот припаѓа секаде и секому, секогаш нов за генерациите кои доаѓаат подеднакво колку што е жив светот на генерациите кои минале. Потсетник на уметничкото мајсторство на истомисленици кои веруваат дека сликите што се движат можат да го направат светот подобро место за живеење, рече Јанев.

Делот од фестивалската програма во Скопје беше заокружен со прикажувањето на филмот „Француска врска“ од Седрик Хименез во киното „Милениум“.

Македонската публика на 8-от Фестивал на француски филм имаше можност да проследи осум остварувања од најновата кинематографска продукција на Франција, меѓу кои и филмот што го отвори годинашниот Кански фестивал – „Со кренато чело“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top