Годинашното шесто издание на Фестивалот на трубите ќе се одржи од 13 до 16 јули во Пехчево.
Во рамки на Фестивалот на плоштадот „Св. Петар и Павле“ на 16 јули концерт ќе одржи балканската ѕвезда Саша Ковачевиќ.
– Освен Саша Ковачевиќ, на 4-дневниот фестивал на отворено ќе настапат и Миле Кузмановски, Силви бенд, дувачкиот оркестар „Џамбо Агушеви“, дувачкиот оркестар „Уска – Кан“, оркестарот на Бојан Ристиќ од Република Србија, оркестарот и мажоретниот состав од Ловеч од Република Бугарија. Покрај познатите музички имиња, во ревијалниот дел ќе настапат познати македонски и бугарски диџеи, истакна Елица Јовевска од општина Пехчево.
Пехчево за време на фестивалските денови очекува да пречека над 60 илјади гости.
– Во функција на фестивалот се ставени и сите расположиви сместувачки и угостителски капацитети. На плоштадот традиционално ќе бидат поставени штандови со скара и пиво, рече Јовевска.
Инаку, во натпреварувачкиот дел се уште трае пријавувањето на оркестрите, но како и секоја година, се очекуваат најдобрите инструменталисти од Македонија да настапат на сцената на отворено во Пехчево. Ќе бидат доделени и награди: златната труба, труба и тапан. Како составен дел на фестивалот е и Саемот на традиционални производи и еколошка храна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.