| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Михајло Куфојанакис и на Тодор Светиев во Софија

Во Музичкиот центар “Борис Христов” во Софија, вечерва со почеток во 18.30 часот, концерт за виолина и пијано ќе одржат познатите македонски музички уметници и педагози, Михајло Куфојанакис и Тодор Светиев.
Во рамките на циклусот музички концерти насловени “Скопје-Софија”, на 12 Меѓународен музички фестивал “Борис Христов”, освен дуото Куфојанакис-Светиев, свои целовечерни концерти ќе имаат Даница Стојанова (пијано) на 15 јуни и на 17 јуни Гонца Богоромова-Краповски (сопран) во пијано придружба на познатиот бугарски музички уметник Милен Станев.
Михајло Куфојанакис и Тодор Светиев, вечер пред публиката во Софија ќе се претстават со комплетно македонски музички дела, на програмата ќе бидат исполнети композиции од Т.Зографски, К. Македонски, В. Николовски, С. Стојков, Р. Аврамовски.
Михајло Куфојанакис во својата богата музичка кариера има остварени солистички концерти во Русија, Бугарија, Турција, Грција, Италија, Австрија, Хрватска, Црна Гора, Чешка, настапувал со врвни музички формации од Македонската филхармонија до познатите Загребски солисти. Во 2015 година одбележа 35 години од својата уметничка дејност. Редовен професор по виолина на Факултетот за музичка уметност во Скопје, добитник на врвни домашни и меѓународни музички награди и признанија.
Todor Svetiev
Тодор Светиев повеќе години работи успешно како професор по пијано на Факултетот за музички уметности во Скопје, минатата година одбележа 40 години од својата уметничка кариера. Настапувал на престижни домашни и меѓународни музички сцени, од Охридско Лето, преко повеќе успешни турнеи низ Шпанија, Белгија, Бугарија, Русија, Хрватска, Кипар…Добитник на престижни домашни и меѓународни награди и признанија.
Нивното прво заедничко музичко претставување на музичкиот фестивал “Борис Христов” во Софија е дел од годишната програма на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, програмски поддржан од Министеството за култура.


 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top