Еден од најдобрите македонски музички уметници, Џијан Емин на 14 јуни ќе настапи во Белград, како диригент со Белградскиот симфониски оркестар и со американскиот диџеј и продуцент Јуан Аткинс…
Овој несекојдневен музички настан ќе се одржи во Старата Циглана, како централен настан во рамките на второто издание на фестивалот „ДЕВ9Т“.
Диригентот и композиторот Емин е задолжен и за оркестрацијата на 11-те композиции за симфониски оркестар кои премиерно ќе бидат изведени токму во Белград, а покрај Јуан Аткинс, кој ќе настапи како солист на клавијатури и електроника, на концертот ќе гостува и вокалниот солист Милан Ариел.
Новиот проект на Емин и продукциската куќа „Излет Мјузик“ е своевидно продолжение на претходниот мошне успешен проект со познатиот диџеј Дерик Меј, кој се одржа во Охрид заедно со Македонската филхармонија и со кој беа остварени и неколку значајни гостувања во Гент (Белгија), Париз и Ница (Франција), Детроит (САД) и Мелбурн (Австралија).
Синергијата на електронската и класичната музика и овој пат е генерален опис на музиката која што ќе може да ја слушне белградската публика во Старата Циглана.
– Се надеваме дека и овој нов проект ќе имаме можност да го промовираме на различни сцени низ светот, а целта е да допреме до вистинските љубители на т.н. ’андерграунд‘ звук и до љубителите на добрата музика воопшто, велат од „Излет Мјузик“.
Џијан Емин истакнува дека концептот на овој проект во основа е ист како и претходниот со Дерик Меј.
– Ќе имаме можност да изведеме електро-акустичен концерт поткрепен со високо квалитетно озвучување и светлосни и визуелни ефекти. Разликата е во самата музика која носи различен тематски материјал која мене ме инспирира на сосема друг начин од она што претходно го работев, вклучувајќи ги и актуелните случувања во нашата држава кои секако имаат огромно влијание врз работата на секој уметник, вели Емин.
Тој додава дека сега, иако композициските техники на неговата работа се слични, има новина во инструментацијата, односно обоите и фаготите се заменети со саксофони кои носат сосема нов звук и со тоа флексибилноста на дувачката секција е на повисоко ниво.
– Мислам дека ќе имаме динамичен концерт, со големи контрасти и различни бои и се надевам дека публиката ќе може да и се препушти на енергијата која ја носи самата музика, вели Емин.
Диџејот и продуцентот од Детроит, Јуан Аткинс, заедно со Дерик Меј и Кевин Сандерсон е член на познатата „Белевил“ тројка, екипата која директно е задолжена за создавањето на Детроит техно сцената. Аткинс го нарекуваат кум на поимот „техно“ и негова е заслугата на целокупното музичко шаренило со своите поджанрови кое денес се појавува под тоа име. Зад себе има повеќе од 20 изданија и 30 – годишна кариера со многубројни настапи ширум светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во галеријата на Куќата на Ѓура Јакшиќ во Белград отворена изложба на теракотните икони од Виница
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“