| четврток, 6 декември 2018 |

Ристе Ристески: Пеењето на свадби е врвот во Македонија

Најдобро поминува турбофолкот, токму во овој период, некако, е најприфатен. Ако сакаме да се пронајдеме во музиката, мислам дека најдобар начин, најдобар избор е да се работи тоа

Охриѓанецот Ристе Ристески е еден од двајцата македонски кандидати што итаат кон финалето на оваа сезона на „Ѕвездите на Гранд“. Ова 21-годишно момче, кое засега паузира со студиите поради музиката, од почетокот на шоуто досега загуби дури 13 килограми, по критиката на жирито дека мора ослабне.

Верува дека за да успееш мора да вложуваш во себе, па затоа од настап до настап ја вежба својата техника, вокал, сценски настап, изглед.

Приватно, тој е момче што ги обожава „Амадеус бенд“, сака да вози велосипед, се затегнува во сала за вежбање и, како повеќето негови врсници – игра видеоигри. Тој е симпатија на Карлеуша и еден од главните фаворити за победа.

Иако си студент на Техничкиот факултет во Битола, студиите по графичко инженерство во моментов ти се на мирување поради музиката. Се реши ли дали ќе бидеш инженер или пејач?

Ристески: Се запишав на факултет бидејќи сакав да завршам некое школо, но како што се одвиваа работите, од мали нозе се занимавам со музика и останав на тоа и повеќе ме влече, па затоа и го ставив факултетот во мирување. Документите ми се таму, па ако некогаш се решам да го продолжам, зошто да не. Сепак, музиката е тоа во што се пронаоѓам.

Колку се исплати да бидеш пејач во Македонија?

Ристески: Солидно…

Солидно за добра живејачка, солидно за добар автомобил, солидно за стан…? Солидно може да значи многу различни работи. Дали мислиш дека подобро поминуваат тие што пеат фолк или тие што пеат поп-музика?

Ристески: Во согласност со стилот што се пее, свири… Според мене, најдобро поминува турбофолкот, токму во овој период, некако, е најприфатен. Ако сакаме да се пронајдеме во музиката мислам дека најдобар начин, најдобар избор е тоа да се работи. А, и да се пее по свадби. Овде, во Македонија, тоа е врвот.

Riste-Risteski-7874

Приватно, пак, каква музика слушаш?

Ристески: Јас слушам сѐ што ми е убаво. Некојпат сум расположен да слушам и рок-музика, и англиско и српско. Сѐ што ми е убаво слушам. Досега најчесто каде што сум бил на настапи и момци што ги обожавам се „Амадеус бенд“ од Србија. Тие ми се омилени.

А изведуваш ли таква музика на твоите настапи?

Ристески: Странско, искрено, не, не често, но си имам неколку песни, кои некогаш си ги пеам  за моја душа.

Иако редовно настапуваш, дали на свирки или на свадби, свесен си дека јавноста те запозна токму преку „Ѕвездите на Гранд“. Не само македонските, туку и српските медиуми те сметаат за фаворит и ти предвидуваат финале. Зошто реши да се пријавиш?

Ристески: Гледајќи наназад низ годините, гледајќи колку таа емисија е гледана и може да ти пружи некаква реклама и општ просперитет за градење кариера како пејач, сметав дека еден од најдобрите начини каде што можам да се промовирам како вокал е „Ѕвездите на Гранд“. Мислам дека досега тоа се покажа така и повеќе од моите очекувања.

Riste-Risteski-7851

Ве третираат ли поинаку бидејќи сте Македонци, а, сепак, во сите овие музички шоуа македонските натпреварувачи имаат, навистина, добар пласман?

Ристески: Според мене, сѐ се заснова на интерес. Значи ,колку повеќе е прифатено шоуто и продукцијата, значи колку поголем број држави и публика, толку подобро е и за нив, а и за пејачите во таа продукција. Исто се третирани сите, е сега, нормално, ова е натпревар – ако те бива те бива, ако не – не.

А постои ли некоја суета меѓу кандидатите, се однесуваат ли, можеби, и малку непријателски? Сепак, пред камерите е едно, а зад сцена…

Ристески: Не, баш зад сцената е кул. Се дружиме, ќе се пошегуваме. Сепак, цел ден се снима емисијата и тука сме сите заедно. Баш е позитивно, па кога ќе излезеш на сцена, има позитивна мисла.

Имаш можност да си оценуван од големи балкански ѕвезди. Кој е најдобриот совет што си го добил од жирито?

Ристески: Критика. Критиките што ги добив уште во првиот круг, техничките забелешки на изведбите, на кои потоа обрнав внимание. Ги извежбав тие работи, кои и тие сметаа, а и јас увидов дека се погрешни кај мене. Покрај тоа, ми го посочија изгледот, ми кажаа дека имам вишок килограми и се потрудив и тоа да го подобрам.

Riste-Risteski-7882

Јелена Карлеуша јавно кажа дека си ѝ симпатија. Дали тие членови на жирито со кои сте слободни и сте на „ти“, се однесуваат поинаку кога ќе се исклучат камерите? Многу работи сме виделе во емисија, но сигурно постојат и многу работи што не го преживеале монтирањето.

Ристески: Не се дрски, напротив. Кога ќе се сретнеме во шминкерницата, ќе нѐ застанат, ќе нѐ посоветуваат. „Дајте сѐ од себе“, ни зборуваат, нѐ мотивираат, ни даваат совети како „Не прави го ова“… Тие се веќе ѕвезди, тие се на врвот на својата кариера, ние сме тука да се обидеме да стигнеме до тоа, да станеме како нив. Пред настап токму тие совети ни даваат поголема самодоверба за сцената.

Додека сте во шоуто постојано сте и на телевизија, во медиуми, публиката вреска по вас. Но голем број од финалистите, па и победниците од ваквите шоуа, независно дали е тоа балканско, американско, англиско шоу, ги снемува брзо по крајот на сезоната. Каков е твојот план? Што ќе направиш за да не те снајде истата судбина?

Ристески: Засега, барем во овие два месеца што остануваат до крајот на шоуто, здравје, ако успеам да влезам во финале, или до каде и да стигнам, ќе бидам посветен на шоуто. Потоа, планирам да вложувам во себе, во песна, во видеоспот. Сега нема доволно време да преземам нешто такво, поради постојаните патувања. Чекам да заврши шоуто и да видам какви резултати ќе донесе. Инаку, како што кажав, мораш да вложиш. Народот да те следи, да си актуелен, за да не останеш баш – инстант ѕвезда.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 196. број на неделникот „Република“, 03.06.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top