| четврток, 6 декември 2018 |

Оризопроизводителите обвинуваат – СДСМ го политизира и откупот на оризот, Владата најави засилени контроли

gruevski9

Сопственици на фабрики за откуп на ориз во Кочани го политизираат откупот, изјави денеска Даниел Анастасов, претседател на Месната заедница во кочанското село Бали.

Проблемите со коишто е соочуваат оризопроизводителите во овој регион, Анстасов ги изнесе при посетата на село Долни Подлог на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски и претставници на локалната самоуправа.

Анастасов тврди дека на оризопроизводители членови на ВМРО-ДПМНЕ им биле барани членски книшки од СДСМ за да им биде откупен оризот.

– Им велат дај членска книшка од СДСМ, а ако не дојди во штабот на СДСМ, извади членска книшка и ќе ви го откупиме оризот, рече Анастасов посочувајќи дека досега е откупен мал дел од оризот, но оти не е исплатен.

Според претседателот на ВМРО ДПМНЕ, политиката е недозволива во пазарната економија. Очигледно е, посочи Груевски, дека луѓето се соочуваат со откупот на оризот.

gruevski10

– Околу 30 проценти од оризот е откупен, но не е платен. Владата даде субвенции и ги зголеми знаејќи дека годината е проблематична. Субвенциите во поголем дел се исплатени, а за помал дел во тек е исплата, така што не е проблемот во делот што го има ветено Владата, туку во делот на откупувачите, изјави Груевски.

Од она што го слушнал на теренот, укажа, покрај вишоците од ориз на светските пазари годинава, локалното население тврди дека политиката ги има замешано во оваа работа.

– Одгледувачите на ориз, кои главно се припадници на ВМРО-ДПМНЕ, а откупувачите се од СДСМ ценат дека се обесправени и оти се откупува само од помалиот број оризопроизводители кои се од СДСМ. Ако е тоа точно тогаш тоа е многу лошо. Тоа, би рекол, е многу трагично за една држава пазарната економија да се одвива на тој начин на која партија и дава поддршка, рече Груевски дополнувајќи дека како ВМРО-ДПМНЕ тоа не го промовирале и не би го дозволиле никогаш.

Доколку е тоа така, наведе Груевски, тоа на нашите политички опоненти од СДСМ ќе им се врати како бумеранг. Проблемот што го изнеле оризопроизводителите, како што рече, на седница на Влада ќе го отвори заменик-министерот Костадиновски и ќе се бара решение.

gruevski7

– Овие луѓе не се виновни што имаат таков проблем, секако не е виновна ниту Владата, но чекаат некаква помош од неа. Соочени со вакви проблеми и со вишок на ориз на пазарот, не само во Македонија, туку и пошироко, но и со вакви политички предизвици, како што тие кажуваат, рече Груевски истакнувајќи дека не може да потврди дали е тоа така или не.

Заменик-министерот Костадиновски најави дека тврдењата на оризопроизводителите ќе бидат проверени и оти ќе се спроведат контроли за текот на откупот од страна на надлежните институции.

Во разговорите со локалното население во Кочанско, според Груевски е заклучено дека една од најголемите инвестиции во овој реон е браната на Оризарска Река за која што моментно се гради пат во должина од 6 километри инвестиција од над 3 милиони евра.

– Патот се гради за да може да се стаса до местото каде што ќе биде браната, кој што ќе овозможи водоснабдување на многу места и наводнување на над 2000 хектари земјиште. Тоа е голема инвестиција од 34 милиони евра, што ја вети сегашната Влада и ја започна, рече Груевски и додаде дека се очекува браната да биде завршена за 4 до 5 години.

Во Кочани, укажа Груевски, во тек е изградба на зграда со 40 станови за лица од социјално ранливи категории. Завршени се 65 проценти од предвидените градежни работи и се планира, како што рече Груевски, да биде готова во јануари следната година.

Според Груевски, има и други значајни проекти во кочанскиот регион за чија реализација владејачката партија дала поддршка со цел да се помогне на населението. Отворени сме за се и за пофалби, критики и забелешки, нови идеи и тоа ќе го правиме и во иднина затоа што само со директна комуникација со луѓето можеме да бидеме целосно информирани и да ги дознаеме нивните приоритети, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top