Македонија е подготвена и веќе обезбедува аутсорсинг услуги за многу домашни и светски компании и институции.
Тоа е заклучокот од денешната панел дискусија „Македонија како аутсорсинг дестинација“, дел од меѓународната конференција за применети интернет и информатички технологии што се одржа во Битола.
Учесниците на панел дискусијата се осврнаа на подготвеноста на институциите, бизнисот и луѓето во Македонија да создадат аутсорсинг култура и да излезат во пресрет на развој на бизнисите во областа на информатичките технологии.
Панел-дискусијата се одржа во организација на BIT hub и Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) во Битола, во соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и ПРЕДА Плус, и ИТ компанијата Интерворкс.
BIT hub кој е лоциран на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола обезбедува стручна и техничка помош за реализација на претприемничките идеи на студентите и бизнисмените. Како прв ИТ хаб во високо-образовна институција, е посветен на остварување блиска соработка со ИТ компаниите и вметнување на бизнис елементи во поддршката која ја нуди во развојот на старт-ап компаниите.
BIT hub-от се фокусира на развој на претприемништвото во ИТ секторот, односно заедно со ФИКТ работи на модели на соработка со бизнисот преку нудење организирана структура за поддршка на бизнисот и младите во ИТ секторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.