Македонската Кошаркарска Федерација го одржа долго најавуваното Годишно Собрание, кое мина многу помирно од очекувањата, без посериозни дискусии околу темите што се најавуваа како клучни. Се чини пресуден беше пресвртот кај челниците на МКФ, кои и покрај претходните најави за цврста решеност, сепак во дневниот ред излегоа со многу „помеки ставови“ за клучните прашања, како инсистирањето за превземање на контролата врз лигите, но и инсистирање на сопствено решение за бројот на странци. На крајот, битката заврши со тоа што лигата дојде под контрола на МКФ, а клубовите го задржаа правото за одлука при бројот на странски кошаркари во Првата лига.
– Нашата канцеларија пред некој ден доби забелешка од Агенцијата за Млади и Спорт за членот 43.25, околу бројот на странски и домашни кошаркари – истакна претседателот Наумоски.
Веднаш потоа следеше и објаснување од страна на претставникот на АМС, кој напомена дека колизија постои поради фактот дека Регистрацискиот правилник го донесува Собранието на МКФ, додека регулативите за натпреварувања, меѓу нив и бројот на странци, е „под капата“ на Управниот Одбор. Ставот на АМС, како што беше објаснето, е Собранието да го донесе Регистрацискиот правилник, а Управниот Одбор во својот дел може да даде свој предлог до собранието за одредени теми како бројот на странски кошаркари.
Со тоа, Управниот Одбор го загуби правото да решава за бројот на македонски играчи во екипите, а Видоја Секуловски како претседател на Здружението на Прволигаши побар спорниот член 43.25 да биде избришан од новиот Статут, што беше прифатено од страна на МКФ.
Од останатите теми, Генералниот секретар Моника Гавриловска истакна дека федерацијата конечно ја деблокирала сметката што беше блокирана со години наназад, па почнувајќи од 1 јули МКФ ќе почне да функционира со својата регуларна сметка, а не како во изминатата година преку сметката на Здружението на прволигаши.
– Голема благодарност до Господинот Минчо Јорданов, кој лично се заложи за проблемот околу стариот долг кон една од неговите компании, тој е еден од најзаслужните што конечно ја деблокиравме сметката – изјави Моника Гавриловска.
Според новиот финансиски извештај за 2016 година, МКФ во овие 12 месеци работела со „минус“ од три милиони денари.
– Негативно салдо од три милиони денари, од кои 2,5 милиони денари е пренесено негативно салдо од претходната година. Вкупниот приход е 48 милиони денари, а вкупниот расход е 51 милион денари. Главниот приход е од организацијата на јуниорското првенство (40%), а приходите од спонзорите се 30 проценти од вкупните приходи. Најголем дел од расходите се оние околу настапот на Македонија на Евробаскет 2015 во Загреб, околу 30 проценти од вкупни расходи – изјави претседателот Петар Наумоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.