Маврово е сместено на брегот на Мавровско Езеро и претставува еден од најпознатите зимски туристички центри во Македонија. Но, Маврово има безброј причини да биде туристички центар и во лето, и во пролет и во секое годишно време. Го посетивме напролет. Нѐ дочека мир, зеленило, тишина, само неколкуте кучиња од селото весело потскокнуваа околу нас и нѐ следеа додека се движевме пеш до брегот на езерото каде што се наоѓа старата црква „Св. Никола“, која во овој период од годината е потопена.
За местоположбата, минатото, името и за животот во Маврово поопширен опис дал македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година. Според него, „Маврово било македонско село среде Мавровско Поле, кое за даноци и за спаилак давало по 200 лири годишно, а беглик – данок на добиток 200 глави“.
Некогаш Маврово било на половина час преку реката позападно од денешното село, на Кожа Планина во едно место што некогаш било покриено само со гори, а сега е со ливади. Инаку, името Маврово значи Црно Поле, и го добило по некоја голема битка во минатото. Мавровското (Црно) Поле, било потопено во 1953 година, со цел да се направи познатото вештачко езеро, Мавровско Eзеро. Денес, во контекст на тоа, доказ е старата селска црква Свети Никола, која редовно може да се види потопена во вода.
Според една легенда, во минатото тука се одиграла страшна битка, во која многу војници загинале, поради што местото го добило името „Мавро“ односно „Црно“ (поле).
Според друго предание, пак, тука порано доаѓале и живееле Мавровунци (Црнорунци – Црноволнци), Власи, кои одгледувале овци со црно руно од каде што потекнува и името на Маврово.
Според записите на Ѓорче Петров, името Маврово произлегува од турскиот збор мав (маф), т.е. место што нема ништо и ништо не признава над себе. Дека името на Маврово потекнувало од зборот мав/маф потврдува и преданието на жителите, кое го запишал Томо Смилјаниќ – Брадина, според кое Ајредин-паша маф го сторил селото поради тоа што се придружило на дебарскиот Далип-бег.Вакви и многу други информации може да се добијат во Информативниот туристички центар што се наоѓа во селото Маврови Анови, на главниот пат што води во зградата на општината т.е на оддалеченост од околу 500 метри од браната во Маврово. Кога влеговме во прекрасната градба видовме дека изобилуваат со информативни материјали, проспекти, мапи итн. Сето тоа што им е потребно на туристите што го посетуваат регионот. Влеат дека често ја посетуваат продавницата барајќи сувенири, но и мапи за движење.
Пред неколку години Меденица ја искачиле членовите на планинарското друштво „Макпетрол“.
Иако со години сум по планиниве – некако досега не ми дојде ред да појдам таму – барем на Меденица. Од оваа акција, која подолу накратко ќе ја опишам – од вкупно 11 учесници, само двајца досега се имаа искачено на Меденица, а за сите Карбула беше непосетен врв. А и двата се прекрасни – особено Карбула е атрактивен со својата западна страна што стрмоглаво се спушта надолу – околу 1.400 висински метри – до текот на реката Радика, пишува Трајче Панковски, член на ова друштво.
Мошне импресивни фотографии направиле членовите на ова друштво: Тања Манчева, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Трајче Панковски и други, кои ги имаат поставено на интернет.
Не толку одамна овде се одржуваа и егзибициски натпревар во скијање на вода, прецизно слетување на параглајдеристи и падобрански скокови, планински велосипедизам и возење слалом преку планинарска тура Маврово–Меденица–Маврово, искачување на Кораб, кружна ревијална велосипедска тура околу Мавровско Езеро, натпревари во влечење јаже, фрлање камен, брзо сечење дрва со пила, како и спортски риболов на ситна риба на пловка. Покрај сите овие спортски и рекреативни активности, имаше и богата и разновидна музичка програма почнувајќи од попладневните, па сѐ до утринските часови. Станува збор за тридневниот фестивал „Екогрин-фестивал Маврово“, кој во август се одржува на самиот брег на Мавровско Езеро, на познатата локација – игралиштето на село Маврово. Последниот ден на фестивалот е предвиден за чистење на локацијата и на околината од отпадоци и од смет. За посетителите на фестивалот организаторот обезбедуваше бесплатен камп во самата близина на фестивалското случување.
Маврово продолжува да се развива и да се гради. Шетајќи по тесните патеки во близина на ски-лифтовите забележавме и станбен комплекс, кој сѐ уште е во градба и кој ќе нуди апартмани за вљубениците во планината со поглед на Мавровско Езеро.
– Целиот комплекс, со сите негови внатрешни и надворешни содржини е направен според најсовремени стандарди и трендови за домување. Ваков тип објект недостига на планините. Место да изградиме уште еден хотел, направивме комплекс на станови каде што секој може да стане сопственик на стан во Маврово. Придржувајќи се кон принципот на комплетна услуга и работејќи по методот на дизајн, изведба и уредување до „клуч на врата”, идните сопственици на овие станови ќе добијат целосно опремен дом со сите неопходни елементи и содржини, освен финалното опремување на домот со мебел – ни рекоа инвеститорите.
Ова е уште еден начин Маврово да стане одлична дестинација низ целата година за тие што го сакаат планинскиот туризам.
Пред заминување посетивме една од локалните кафеани, сместена на брегот од Мавровско Езеро, каде што нѐ послужија со турско кафе, одлично овчо сирење, домашни колбаси, топли палачинки… Домаќините, инаку мошне љубезни, низ разговорот се пожалија дека во овој период од годината нема многу туристи. Единствената местоположба на овој туристички центар секому му дава можност да ужива во прекрасното откривање на планината и нејзината раскошна убавина во секое време од годината. И навистина е тажно што потоплите месеци не ги минуваме на планина.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 195. број на неделникот „Република“, 27.05.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.