По завршувањето на жестоките партиски прелиминарни избори на кои Доналд Трамп и неговите противници си упатија разни навреди, очекуваниот кандидат на Републиканската партија за кратко време го обедини огромното мнозинство републикански гласачи околу една цел: победа над Хилари Клинтон, неговиот потенцијален демократски противник.
Влегувајќи во општите избори со околу 7 поени зад Клинтон, Трамп брзо го избриша поголемиот дел од разликата. Почнувајќи од петокот, предноста на Клинтон се сведе на околу 2 поени, според просекот на анкетите што ги спроведе „Хафингтон пост“. Анкетите на „Фокс њуз“ од минатата среда, пак, покажуваат дека Трамп води пред Клинтон.
Која е главната причина за порастот на популарноста на Трамп во текот на изминатите неколку недели? Тој добива сѐ поголем дел од гласовите на републиканците – иако некои истакнати републикански лидери, како спикерот на американскиот Конгрес, Пол Рајан, сѐ уште не се залагаат за поддршка на очигледниот кандидат на нивната партија. Но, останатите републикански гласачи застануваат зад Трамп во голем број надминувајќи ја разликата со поддршката на Клинтон меѓу демократите, која беше поголема за време на почетните фази на кампањата.
– Републиканците се обединуваат околу Трамп и од голема корист за него е да нема други републикански противници што постојано ќе го напаѓаат – вели Џеф Гeрин, демократски анкетар и стратег на „Приоритетите на САД“.
Податоците укажуваат на тесна трка наесен, со околу десет или повеќе држави што, најверојатно, ќе бидат одлучувачки во „Изборниот колеџ“ – сите во согласност со поновата историја.
Во националната анкета на „Фокс њуз“, Трамп води пред Клинтон меѓу сите регистрирани гласачи, 45 проценти наспроти 42 проценти – пресврт од минатиот месец кога Клинтон имаше предност од 7 поени, 48 проценти наспроти 41 процент. Во последната анкета на „Фокс њуз“ 83 проценти од самоидентификуваните демократи ја поддржуваат Клинтон, а Трамп го поддржуваат 82 проценти од републиканците. Водството на Трамп се должи на 16-те поени од независните гласачи, 46 проценти наспроти 30 проценти.
Една анкета на „Си-Би-Ес њуз“ и на „Њујорк тајм“ спроведена во текот на приближно истиот период покажа дека Клинтон води за 6 поени, 47 проценти наспроти 41 процент. Но, како и во анкетата на „Фокс њуз“, Клинтон го има приближно истиот процент на поддршка кај демократите (88 проценти) како Трамп кај републиканците (85 проценти). Анкетата на „Си-Би-Ес њуз“ и на „Њујорк тајм“, за разлика од анкетата на „Фокс њуз“, покажа изедначена трка меѓу независните гласачи.
Анкетите спроведени во текот на изминатите две недели во Флорида, Охајо, Пенсилванија, Њу Хемпшир, Аризона и во Џорџија покажаа дека разликата меѓу кандидатите е околу 5 поени. Заедно, овие држави носат 98 изборни гласа.
Други податоци, исто така, укажуваат на обединување на републиканците околу Трамп, во комбинација со, или токму поради, популарноста на Клинтон – како примарен двигател зад тесната трка.
„Галуп“ го следеше мислењето на сопартијците на кандидатите и интервјуата спроведени од 12 до 18 мај покажаа дека рејтингот на Трамп меѓу републиканците (65 проценти го поддржуваат, 30 проценти не го поддржуваат) е сличен со рејтингот на Клинтон меѓу демократите (66 проценти ја поддржуваат, 29 проценти не ја поддржуваат).
Зголемениот број гласови од републиканците за Трамп е само половина од приказната. Податоците на „Галуп“ покажуваат дека популарноста на Клинтон меѓу демократите опаѓа – таа загуби четири поени во текот на неделата меѓу двете најнови истражувања на „Галуп“.
И двајцата кандидати остануваат историски непопуларни меѓу пошироката група од сите Американци: податоците на „Галуп“ покажуваат дека само 34 проценти од возрасните граѓани го фаворизираат Трамп, во споредба со 39 проценти што ја фаворизираат Клинтон. Мнозинството Американци имаат негативно мислење и за двајцата.
Меѓу независните гласачи, рејтингот на Трамп се подобри откако ги победи останатите ривали од Републиканската партија на прелиминарните изборите во Индијана на 3 мај.
– Неговиот рејтинг меѓу републиканците, секако, се подобрува. И тоа ќе биде клучно, да се зачува тој рејтинг – рече Патрик Мареј, директор на истражувачкиот институт при Универзитетот „Монмаут“ во Њу Џерси.
Но, во моментов независните ја набљудуваат оваа популистичка порака, која одекнува, барем додека демократите се борат меѓу себе, вели тој.
Републиканскиот анкетар Келиен Конвеј истакна и други подобрувања во рејтингот на Трамп вклучувајќи го и фактот дека беше изедначен со Клинтон во анкетата на „Фокс њуз“ спроведена меѓу гласачите со универзитетска диплома, а освоил 35 проценти од гласачите помлади од 35 години.
– Неодамнешното напредување на Трамп во анкетите претставува и обединетост на обичните републикански гласачи и знак за поширок тренд. Поддршката за него не расте само меѓу републиканците – вели Конвеј додавајќи дека Трамп направил голем напредок во процесот на обединување на партијата зад неговата кандидатура.
Иако рејтингот на Трамп несомнено се зголемува, пак постои можност тој да остане зад Клинтон. Со исклучок на анкетите спроведени од „Расмусен репортс“, кои значително беа пристрасни кон републиканците во минатото, водството на Трамп во анкетата на „Фокс њуз“ е неговата прва предност во однос на Клинтон по анкетата на Универзитетот „Сафолк“ и на „Ју-Ес-Еј тудеј“, спроведена веднаш по победата на Трамп во Њу Хемпшир.
Сојузниците на Клинтон велат дека изедначувањето во трката е природно и тие уште од почетокот очекувале Трамп да биде противникот на Клинтон.
– Кажав уште пред неколку недели, изборите ќе бидат тесни. Тоа не беше пропаганда. Тоа беше нашата искрена процена за тоа како ќе изгледа трката. Мене не ме изненадува фактот што последните анкети укажуваат на тесна трка – вели Герин.
Но, како што ставовите против Клинтон му помогнаа на Трамп да ги обедини републиканците, демократите очекуваат истото да се случи кога ќе заврши нивниот номинирачки процес.
– Верувам дека Клинтон сигурно ќе има корист од обединетост во нејзината партија исто како Трамп. Анкетите во 2008 година покажаа обединување меѓу демократите по последните прелиминарни избори како резултат на поддршката на Хилари за Обама, со што ги поттикна нејзините поддржувачи да го поддржат и него – вели Герин.
Конвеј, републиканскиот анкетар, не се согласува со тоа и истакнува дека рејтингот на Клинтон меѓу демократите опаѓа како што се ближи крајот на трката, за разлика од Трамп, чијшто рејтинг расте како што минува времето. Конвеј вели дека Трамп има повеќе простор за раст меѓу републиканските гласачи отколку што ќе има Клинтон меѓу демократите откако ќе заврши номинацијата.
– Таа е посилна меѓу демократите од Трамп меѓу републиканците веќе некое време – вели Конвеј.
И самата Клинтон верува дека партијата ќе се обедини во општите избори за да се победи заедничкиот непријател, како што се чини дека републиканците се обединуваат сега.
– Верувам дека Доналд Трамп е тоа што нѐ обединува – изјави Клинтон минатиот четвртокот во интервју за „Си-Ен-Ен“.
Верувам дека тоа е тоа што нѐ обединува, рече таа.
Извор: „Политико“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.