Кошаркарите на ЛА Лејкерс и на Милвоки испаднаа во првата рунда од плејофот во НБА лигата, без победа во дуелите со Сан Антонио, односно Мајами. Популарно наречено добија „метли“ или поточно загубија со 0-4.
И двете екипи имаа амбиции да ги изненадат фаворитите, но уверливо загубија. Особено лошо минаа Лејкерси, на кои во последниот меч не им помогна ниту присуството на повредениот Коби Брајант, кој дојде да им даде подршка на соиграчите во Стејплс центарот во Лос Анџелес.

Сан Антонио предводен од Тони Паркер со 23 поени, победи со 103-82. Поразот не умееше да го прифати Двајт Хауард и поради две технички грешки беше исклучен во третиот период од играта.
Бекот на Милвоки бакс, Брендон Џенингс нудеше облог пред стартот на серијата со актуелниот шампион Мајами, дека неговиот тим Милвоки ќе мине понатаму со 4-2 во победи.
Не само што не се пласираа, понатаму, туку фаворитот ги декласира во минимален број на натпревари и со просечна разлика од скоро 15 поени разлика. Ноќеска беше 88-77 за Мајами, екипа што го очекува подобриот од пресметката меѓу Чикаго и Бруклин (3-1 за Чикаго). Џенингс во последниот натпревар даде само 3 поени со шут од игра 1-7. Најефикасен беше Леброн Џејмс кај Мајами со 30 поени, а Монта Елис даде 21 поен за Милвоки.
Бостон Селтикс успеаја по голема борба во продолженијата да избегнат елиминација во НБА плеј-офот. Селтикси го намалија водството на Њујорк Никс во серија на 3-1, со победата од 97-90 на свој терен. Се до третата четвртина Бостон одржуваше двоцифрена предност, но Никси успеаја да надополнат минус, со кој го воведоа мечот во неизвесна завршница. Гарнет погоди за израмнување на 84-84, а во продолженијата брилјираше Џејсон Тери со 9 едноподруго поени. Поради неспортски потег на претходниот меч и удирањето на Џејсон Тери, во тимот на Никс не настапи казнетиот Џеј Ар Смит.
Најефикасен беше Пол Пирс со 29 поени, осум скока и шест асистенции, додека уште еден ветеран Гарнет запиша дабл-дабл со 13 поени и 17 скока. Се истакнаа уште Џеф Грин со 26 поени и Тери со 18 поени. Најефикасен на натпреварот беше првиот стрелец во Лигата Кармело Ентони со 36 поени и седум скока, а ефикасен кај Њујорк беше и Фелтон со 27 поени.
Со добрите игри продолжи Голден стејт против Денвер и со нова победа од 115-101, води со 3-1. Денвер ја имаше предноста на домашен терен во серијата, патем влијателниот центар Дејвид Ли се повреди кај Голден стејт, но воините не се предаваат и нанижаа три победи по ред, со што се на само еден триумф до полуфинале во западната конференција. Стефон Кари повторно ги предводеше до нов успех, со 31 поен, Џерет Џек уфрли 21 поен, а Карл Лендри забележа 17. Кај Денвер тај Лоусон беше најефикасен со 26 поени, Игудала додаде 19, но очигледно е дека Денвер нема рецепт како да го победи противникот и е на работ на елиминација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.