| четврток, 6 декември 2018 |

Годинава ќе месиме леб од домашна пченица

­

pcenica

Домашното производство на пченица годинава ќе биде рекордно и првпат ќе покрие 80 отсто од вкупните потреби. Засеани се околу 80.000 хектари или 10.000 повеќе од лани, а се очекува принос од најмалку 240.000 тони.

Производителите бараат откупната цена да биде минимум 11 денари за килограм и засилени инспекциски контроли поради, како што рекоа на традиционалната манифестација „Ден на пченицата“, шверцот со сертифицирано семе.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков нагласи дека земјоделците ќе добијат најмалку цена која ќе им ги покрие трошоците и ако има потреба, во оваа насока ќе се искористат можностите од Законот за земјоделство и рурален развој според кој, откупната цена не може да биде пониска од производната. Цветков потенцира и дека од 2018 година нема да има субвенции за производителите што не користат сертификуван семенски материјал. ­

-Имајќи ги предвид добрите временски услови, пченицата одлично напредува. Очекуваме рекорден род од просечни 3.000 тони на хектар ако до жетвата останат поволни временските услови – истакна Цветков. Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, за поголеми приноси, освен семе со сертификат, неопходно е и засејување на сортите во погодни подрачја. ­

-Бараме да се направат опитни полиња во различни региони зашто се зголемува бројот на сорти пченица и јачмен кои даваат високи приноси, но некои не се погодни за одредени подрачја. Затоа мора да се експериментира- рече Шаклев. Осврнувајќи се на шверцот со сертифицирано семе, напомена дека тоа го уништува угледот на вистинските производители, но и се губи довербата кај земјоделците. Претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров потенцира дека сега е време да престане увозот на евтино српско брашно за да се откупи домашната пченица. Тој воедно апелира, производителите што поскоро да ги осигураат своите посеви.

Сопственикот на Агроунија и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК) Огнен Оровчанец, кој е и организатор на „Денот на пченицата“, смета дека моментно во Македонија сертифицирано семе се употребува за 30 до 40 отсто од вкупните површини.

-Употребата на сертифициран семенски материјал значи најмалку 30 проценти повисок принос без болести и воедначеност – подвлече Оровчанец.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот Цветков нагласи дека стратегијата и натаму е креирање сертифицирано, висококвалитетно производство, конкурентно на странските пазари. ­

-Ако сакаме да го зголемуваме земјоделското производство, мораме да применуваме наука. Не можеме да очекуваме конкурентни земјоделци, доколку не се користат современи достигнувања, најнови агротехнички мерки, модерни сознанија и технологија – рече Цветков и информира дека не само за житни, туку за сите култури науката ќе има приоритет.

Предвидено е да се постават опитни полиња со култури во соодветни региони, јаболка во Ресен, грозје во Кавадарци,… и да се организира обука за земјоделците од страна на експерти по што ќе бидат изработени и брошури. Агроунија со денешната манифестација „Ден на пченицата“ одбележа 27 години постоење.

Најави нови сорти од кои три се со рекордни, досега незабележани приноси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top