| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши градбата на канализацијата во Радишани

petre-latinovski

Заврши изградбата на дел канализацискиот систем во населбата Радишани во должина од 1.200 метри. Останатите 500 метри треба да бидат финализирани до крајот на годината.

За ова денеска информираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој заедно со градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски и градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски денеска го посети населеното место Радишани.

– Се работи за изградба на дел од канализационен систем за околу 1 200 жители. Претходно нешто слично како и во општината Илинден овие луѓе користеа септички јами. Овој проект има две значајни компоненти, едната од нив е тоа што луѓето нема повеќе да користат септички јами ќе имаат целосно изграден канализационен систем кој се приклучува на градската канализациона мрежа, но исто така овој проект има значење од аспект на заштита на животната стредина бидејќи претходно тие отпадни води директно се отпуштаа во реката Серава, а сега одат во канализациониот систем. Инаку вредноста на овој проект е околу 5 милиони денари, рече Јанакиески.

Тој информираше дека согласно електронското јавно наддавање е добиена многу поволна цена и останале уште средства од Европската инвестициска банка да се релаизираат и останатите 500 метри.

– Очекуваме во втората половина од јуни да почнеме постапка за реализиација на вториот дел. До крајот на годината очекувам да биде завршено и септичките јами да станат минато во овој регион, рече Јанакиески.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски посочи дека со реализацијата на проектот се проширува мрежата на фекални канализации во градот и се заштитува животната средина во населените места.

– Реката Серава е една од ретките реки која што во најголемиот дел тече низ урбаниот дел, низ населениот дел на градот Скопје и правиме големи напори оваа река да биде еколошки што почиста и да може да не влијае на животната средина. Ние како град Скопје во урбаниот дел продолжуваме со чистењето на реката, најави Трајановски.

Со изградбата на канализациската мрежа, градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски нагласи дека е спасена од еколошка катастрофа реката Серава.

– Изградени се околу 11 километри фекална канализација долж течението на реката Серава, останува да се дореализира уште половина километар. Со тоа сите отпадни води што се влеваа во реката Серава ќе бидат минато, рече Латиновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top