Годинашен добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е холандскиот и светски познат директор на фотографија Роби Милер (1940).
За филмот „Спроти брановите“ во режија на Ларс фон Трир пред две децении во Битола Роби Милер доби „Бронзена камера 300“, а во 2002 година, на 23. ИФФК, ја доби Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Тогаш беше и претседател на жирито за доделување на наградите на филмовите кои беа во натпреварувачката програма.
Одлуката за наградата денеска на прес-конференција ја соопшти новиот директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, кој рече дека со неа „Браќа Манаки“ на најдобар можен начин ќе го прослави и круниса извонредниот креативен и уметнички опус на еден од најголемите директори на фотографија кој, како што рече, е еден од десетте великани на сите времиња.
Од 2010 година Милер е врзан за инвалидска количка, не е во состојба да патува и затоа нема да дојде во Битола. За отворањето на фестивалот во Битола е поканета неговата сопруга Андреа, а статуетката на Роби Милер на 3 јуни ќе му ја врачи директорот на ИФФК, Благоја Куновски, во Амстердам.
Таму, во „Ај филм институт“ (Eye Film Institute), идниот петок ќе биде отворена тримесечна ретроспективна изложба „Мајстор на светлината“ на која ќе биде претставен опусот на Милер, соработки со филмски автори низ фотографии, видеа и инсталации.
Роби Милер има снимено над 80 филма и околу 15 ТВ-филмови. Најмногу сорабтувал со режисерот Вим Вендерс.
– Го нарекуваат и мајстор на светлината и инспирација на режисерите Вендерс, Џармуш, Фридкин. Ги снимил дел од најзначајните филмови од опусот на Ларс фон Трир. Во неговиот опус има ремек-дела во црно-бела техника – рече Куновски.
На својата прва прес-конференција како директор на ИФФК, Куновски рече дека е сведок на создавањето на фестивалот, од 1995 година е негов селектор и, како што рече, сите директори на ИФФК му биле драги соработници.
– Гордоста наша е дека првиот фестивал во светот посветен на директорите на дотографија веќе има и Клуб на великаните со 20 лауреати на „Златната камера 300“ за животно дело – додаде Куновски.
Уметничкиот директор на ИФФК, Евгенија Теодосиевска, рече дека фестивалот ја подготвува програмата за 37. издание во септември.
– Малку доцниме со почетоците, но нашата вредна екипа, избрана од директорот Куновски, нема да потфрли воопшто. Сите планирани програмски содржини квалитетно ќе ги исполниме, како и секогаш во сите фестивалски изданија – додаде Теодосиевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“: Квалитетна филмска програма и големи имиња на светската кинематографија во Битола
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ до Лабина Митевска: Изненадени сме од незадоволството искажано во медиумите од страна на продуцентката
-
Филмот „Забава“ на Сали Потер и кинематограферот Алексеј Родионов пред битолската публика
-
Францускиот кинематографер Пиер Лом е добитник на Златна Камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“