| четврток, 6 декември 2018 |

Мегаинтервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски (ПРВ ДЕЛ)

Имаме две опозиции. Една официјална, СДСМ со неколку сателит или човек-партии, со нив и уште една, би ја нарекол платена опозиција... Невладините, кои се финансирани од Сорос и преку секташко однесување врбуваат млади луѓе да работат против Македонија, истакнува во дел од мегаинтервјуто за Телеграф.мк, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Телеграф.мк му постави голем број прашања на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за актуелната состојба. Поради обемот, интервјуто ќе го објавиме во неколку продолженија, а во кои тој одговара на теми во врска со протестите, одложувањето на изборите, работата на СЈО, политичката ситуација и начините за излез од кризата (вториот дел од интервјуто можете да го прочитате на овој ЛИНК).

Во првиот дел од интервјуто, Груевски зборува за начинот на дејствување на невладините организации под капата на Сорос и одложувањето на изборите, кои беа закажани за 5 јуни.

gruevski_za_intervju_-_02

Т: Актуелни се протестите. Обвинувањата се дека зад нив стојат НВО кои располагаат и трошат големи пари за протестите и дека има луѓе што живеат од тоа. Сепак, протести некогаш има, некогаш нема. Како тие живеат од тоа?

– Видете, НВО, кои се финансирани главно од фирмите на Сорос и од некои други странски извори имаат континуитет во своето работење, и кога има и кога нема протести. Во периоди кога нема протести, тие, пак, парите ги трошат за горе-долу истите луѓе, но во различна форма. На пример, држат разни јавни дебати против активностите и проектите на Владата, држат прес-конференции, гостуваат во телевизиски и радиоемисии, организираат т.н. пленуми од различен вид, им се вршат разни тренинзи за сето тоа.

Тренинзите најчесто ги вршат највидните лица на организациите на Сорос и од она што сум го слушал, често пати има крајно секташко однесување и предавања, обиди за врбување млади и перспективни луѓе и вршење индоктринација кон нив, а притоа давајќи им пари и многу бесплатни патувања, кој е и главниот мотив да доаѓаат на тие предавања и обиди за перење на мозокот. Оние што по некое време нема да им ја прифатат играта, кои нема да подлегнат на индоктринацијата, се информираат веќе да не доаѓаат, за парите да продолжат да ги инвестираат во други, од кои ќе имаат ефект.

gruevski_za_intervju_-_06

Т: Што Ви значеше тоа секташки?

– Па, еве, еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо!

Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини!!! И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша.

Не се сите вакви методи, имаат и пософистицирани, но имаат и многу вакви. Слушателите доаѓаат затоа што знаат дека со сигурност ќе добијат пари, најчесто во некоја многу лесна форма, на пример давање некоја идеја, одржување некое предавање пред група студенти или слично. Голем дел од нив не подлегнуваат на индоктринацијата, но им требаат пари и слушаат и молчат. Некои од тие слушатели ми рекоа дека оделе на предавањата само заради парите, кои во тој момент им биле многу потребни, но се гаделе од она што го слушале и го гледале.

Во 2009 година, кога беше екот на кампањата на владата „Ти си Македонија“, едена од основните лекции била да ги убеди слушателите дека „Ти не си Македонија“ и дека никој во оваа земја не треба да се идентификува со местото и државата на раѓање и живеење, туку да се чувствува исклучиво како човек на планетата Земја. Да нема никакво различно чувство за својот народ, традиција, историја и за својата земја во однос на која било друга.

Директна индоктринација младите луѓе да не ја чувствуваат Македонија како своја држава. И не ме чуди што денес без ниту малку совест некои млади луѓе ги сквернават спомениците на македонските херои кои ги положиле животите за денешните слобода и држава.

Истите тие предавачи и слушатели имаат задача да гостуваат по емисии и најжестоко да ги напаѓаат Владата и ВМРО-ДПМНЕ, да пишуваат колумни, некои од нив да бидат новинари или да водат некои емисии или портали, или пленуми, или протести, јавни дебати, да пишуваат негативно насекаде надвор од земјата против нас, да испраќаат илјадници писма и имејлови со оцрнување на Владата, да даваат изјави за странски медиуми или странски аналитичари, да ги дружат и убедуваат дека во нашата земја нема слобода и демократија, за потоа истите да го шират тоа.

Инаку, од она што деновиве го објавија медиумите, видовме дека некои експоненти во протестите, кои се организирани од тие НВО, земале и до 70 илјади евра годишно.

gruevski_za_intervju_-_07

Т: Значи, сакате да кажете дека континуирано се справувате со ваков вид противник?

– Ние имаме две опозиции. Една официјална, СДСМ со неколку сателит или човек-партии со нив и уште една, би ја нарекол платена  опозиција, иако индиректно и оваа првата користи од средствата на втората. Веројатно некој проценил дека, кога СДСМ е во опозиција не може со сопствени сили да се избори кај граѓаните за освојување на довербата и затоа вложува големи пари да им помага. И така е, еве повеќе од две децении.

Сите НВО, кои се финансирани од Сорос, кога е на власт ВМРО, работат, се борат повремено и протестираат против нас, а кога е на власт СДСМ, главно работат проекти што се  поддржани од СДСМ. Значи, некој однадвор секогаш низ овие две и пол децении плаќа да му се помогне на СДСМ. Прво, затоа што со таков избор на кадри во раководството неспособни се самите да дојдат на власт или да се одржат на власт и второ, затоа што некој сака да се тие на власт, заради некој негов интерес. Никој не дава толку пари без да има некој интерес од тоа.

И да потсетам, ова не е само во Македонија, туку во повеќе земји, особено од Источна Европа и од Балканот.

gruevski_za_intervju_-_03

И така две и пол децении, ВМРО-ДПМНЕ се потпира само на народот и се труди колку може повеќе да му биде сервилен и да ги исполни ветувањата кон него и неговите потреби и барања, а СДСМ се потпира на спонзорите однадвор и се сервилни кон нив, а не кон народот.

Народот за нив е само инструмент што треба да се искористи да се дојде на власт и што подолго да се остане. Додека се на власт клучно е да го задоволат неформалниот сојузник, а за народот ќе фрлат по некоја коска.

Притоа, секогаш имаат дозвола за прогон кон луѓето од ВМРО-ДПМНЕ заради забавување на враќањето на довербата кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на гласачкото тело. Оние што непристрасно ги следат работите знаат дека секогаш во време на СДСМ имаме помалку демократија и слобода, ама тогаш тоа не е тема. Демократија и слобода е тема само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Тоа е тоа.

Зборуваат дека нема доволно демократија и слобода, а истовремено не се симнати од медиумите. Кога ние бевме опозиција, се сеќавам се боревме некој медиум да ни дојде на прес-конференција, а понекогаш не доаѓаше ниту еден. Или, пак, ќе дојдеа неколку, но ниту еден медиум во земјата немаше да ја објави прес-конференцијата. Протестираат непречено со недели, уништуваат и оштетуваат државен имот, сквернават споменици на најзначајните личности од историјата, бојадисуваат објекти, меѓу кои има и такви што не се дел од „Скопје 2014“, големата болка на СДСМ, нивното огледало на неработењето во времето кога имаа доверба од мнозинството граѓани и беа на власт.

Земјата има огромен број медиуми, секој  може сѐ да каже и да критикува без какви било последици по него. И тоа се случува секој ден, секој час, цела година, со години во целиот наш мандат.

Но, како и да е, и покрај тоа што потполно е јасно дека демократија има, и тоа многу, ние ќе работиме да има уште повеќе демократија.

gruevski_za_intervju_-_04

Т: Никогаш не сте докрај конкретен кога зборувате за некои надворешни сили. Ќе ни кажете ли нешто поконкретно околу нив?

– Јас не сум ниту политички аналитичар ниту новинар, туку политичар со многу чувствителна функција. Кажувам дотаму додека сметам дека нема да им направам штета на државата и на граѓаните. Едно е некои работи да ги каже некој политички коментатор или аналитичар, друго е да ги каже политичар со функции и одговорности како јас.

Во првиот случај, најмногу може некој да има по некои лични последици или можеби никакви последици, во вториот последиците ќе бидат и врз државата и врз народот. Затоа морам одговорно да се однесувам. Но мислам дека на мнозинството од народот горе-долу му е јасно сè.

gruevski_za_intervju_-_05

Т: Веќе некако преминавме на политичките теми. Заев насекаде зборува дека сте готови, дека се подготвувате за паѓање од власт, дека СДСМ доаѓа на власт, дека сте исплашени и дека сѐ што кажал досега така излегло на крај. Како ги коментирате овие негови настапи?

– Заев реално добро знае во каква каша ја доведе и земјата и себеси. Се надева на тоа дека тој што го донесе дотука и ќе го извлече. Тој знае дека не само што не сме готови, туку ако излезеше на избори сега, тој ќе беше готов како политичар. Ќе ја завршеше политичката кариера. Тоа едвај го чекаат многумина во СДСМ кои имаат подобра политичка процена, дека со него на чело, освен правење штета, не може да се дојде на власт.

Сега, со одлагање на изборите малку му олесна. Купи малку време за правење нови пакости и манипулации.

Откако не успеа операцијата со т.н. „бомби“ да го смени јавното мислење, сега последна надеж му е специјалното јавно обвинителство. И тука да бидам јасен. Ние ја поддржуваме институцијата СЈО. Затоа и гласавме за неа. Ние поддржуваме идеја за независно тело во кое веруваат и опозицијата и меѓународниот фактор, да ги истражи работите докрај со кои Заев лани се обиде да нè прикаже во друго светло од она кое сме реално. Сакаме докрај да се расчистат работите, затоа што знаеме дека сме невини по обвинувањата што ни ги препиша претседателот на СДСМ со неговата валкана операција за која јасно ми кажа дека му ја обезбедила некоја странска разузнавачка служба. Нешто што го виде и слушна цела Македонија.

Но луѓето во ова тело во изминатите 6 месеци покажаа премногу слабости и премногу непрофесионално однесување за да не ја изразиме нашата разочараност и загриженост. Ние сме мала земја, мал главен град, секој некако за секого брзо дознава како се однесува и какви намери има. За жал, професионален однос, непристрасен пристап, непартиска институција, пресумција на невиност, еднаков пристап кон сите и други такви правични и професионални стандарди, ние не гледаме кај повеќето од тие луѓе и всушност гледаме сè обратно од ова.

 

Продолжува…

(Во утрешниот, втор дел, Никола Груевски детално одговара на прашањата околу работењето на СЈО, образложувајќи ги принципите заради кои партијата во повеќе наврати реагираше на непрофесионалноста, селективноста и политичките настапи на СЈО.)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top