Даниел Кајмакоски ја однесе победата во третата сезона од шоуто „Твоето лице звучи познато“. Кајмакоски повторно ги освои симпатиите на балканската публика, но овој пат благодарение на неговата дарба за имитација. Тој доби најголем број гласови од публиката и со тоа ја освои наградата од 25 илјади евра.
Откако победи, Даниел изјави дека оваа награда ќе им ја даде на сестричката и братчето од Куманово кои боледуваат полицистични бубрези и цироза на црн дроб и за кои за да се спасат е потребна скапа операција.
По оваа вест се врати надежта дека ќе се соберат средства за двете деца Александар и неговата три години постара сестричка. Во тек се и лекарските прегледи за конзилијарно мислење, за да може операцијата, односно пресадувањето на црн дроб да се изврши во странство.
Мајката, Јасмина Додевска , по информацијата дека наградата на Даниел Кајмаковски, победникот на овогодинешното шоу „Твоето лице звучи познато’ во висина од 25 000 евра ќе биде донирана на семејството Додевски со многу емоции ја примила веста. Тие на сметката имаат само три илјади евра.
-Многу сме благодарни , кратко во телефонскиот разговор изјавила мајката, ме бара некој упорно ама не можам да се јавам , бидејќи сме во болница.
Болеста кај седум годишниот Александар многу бргу напредува. Лекарите кажале дека доколку не се направи трансплантација на црниот дроб може да се случи да откажат бубрезите. Јасмина Додевска е самохрана мајка на три деца. Невработена е , мора да се грижи за болните деца, а живеат со 13 000 денари месечно социјална помош по основ посебен додаток на деца. Се бори со болеста на двете деца, а вели дека се’ додека има добри луѓе на светот надежта нема да ја напушти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.