Друштвото за издавачка дејност МАКЕДОНИКА литера од Скопје, неодамна објави нова поетска книга на Владимир Илиевски – „Брзината не убива“. Ова е седма поетска книга на Владимир Илиевски и содржи шеесетина песни кои се поделени во пет концепциски циклуси.
Во оваа поетска книга Владимир Илиевски не отстапува од „утврдените“ правила на својата поетика. Сепак треба да се констатира дека тие „утврдени правила“ не го стеснуваат и не го намалуваат животниот естетски простор на неговиот поетски збор. Напротив, токму во тој простор егзистираат и импулсивно пулсираат свежите поетски иновации на Илиевски.
Поетската книга „Брзината не убива“ на Владимир Илиевски е показател за еден вреден творечки континуитет со потврдени поетски вредности. Овие песни недвосмислено покажуваат дека Илиевски суверено владее во омеѓениот простор на својата поетика. Книгата „Брзината не убива“ ја потврдува високата позиција на Владимир Илиевски на современото македонско поетско творештво.
Песните на Илиевски се отворени и очистени од непотребната „наметлива“ херметичност. Тие немаат потреба да ја скријат, да ја кодираат или едноставно да ја заборават пораката. Тие јасно ја кажуваат, покажувајќи дека една од основните функции на уметноста е потребата да се пренесе порака. Тие не се песни за верувањето и за восхитот, туку се песни за сомнежот и за постојаниот немир.
Владимир Илиевски (роден 1970 година во Скопје), дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност. Магистрира на истиот факултет.
Негови објавени книги се: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014).
Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Негова поезија е преведена на бугарски, хрватски, српски, руски, англиски, италијански и литвански јазик.
Во 2008 година ја доби првата награда за поезија на книжевното списание Улазница од Зрењанин, Србија,
Живее и работи во Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.