| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ со победа во Куманово ја врати предноста на домашен терен во финалето

mzt

МЗТ Скопје му врати мило за драго на Куманово, славејќи на гостински терен со резултат 75-82 и израмнувајќи на 1-1 во финалната серија од кошаркарскиот плејоф. „Металците“ експресно се рехабилитираа од нокаутот во Скопје, а покажаа и фантастичен карактер, не подлегнувајќи под притисокот од трибините при фантастичната атмосфера што ја создадоа домашните навивачи кои беа во салата повеќе од 5000. Кумановци гореа од желба за триумф и водство од 2-0, но потклекнаа под притисокот со очајна одбрана во првото полувреме, кога им дозволија на гостите од Скопје да постигнат дури 45 поени.

Урош Луковиќ е омразен лик во Куманово, но центарот на МЗТ одлично си ја заврши работата на стартот, принудувајќи го Мишановиќ на две лични грешки за само една минута. Без стартниот центар домаќините го загубија концептот на игра, премногу се инсистираше на шут од далечина, а МЗТ Скопје знаеше како да го искористи тоа. Дамјан Стојановски беше одличен во првиот период, а потоа во ритам влезе и Марко Луковиќ, па во 14. Минута МЗТ за првпат дојде и до двоцифрена предност (20-31).

mzt 1

Кумановци се приближија на „минус седум“, а потоа при резултат 30-37 Костоски не реализираше два контранапади на својот тим. Следеше казна, шампионот фуриозно ја заврши четвртината и на одмор замина со резултат 32-45. Домаќините шутнаа дури 17 тројки, погодија само три, а згора на тоа, Куманово се соочи и со огромни проблеми со личните грешки бидејќи по 20 минути игра по три прекршоци имаа Мишановиќ, Трајковски, Мандиќ и Јанески.

Избраниците на Србиновски одиграа многу помотивирано во одбраната на стартот од второто полувреме, па со серија од 6-0 набрзина се вратија во натпреварот. Алек Јончевски зеде тајмаут, а потоа повторно проработе шутот од далечина на гостите. Протиќ постигна две тројки, Дамјан Стојановски една, па позитивата повторно отиде над десет (42-54). Со тројките на Костоски и на Мандиќ Куманово дојде на 48-54, но повторно во вистински момент тројка погоди Дамјан Стојановски. Кумановци продолжија со добра игра во нападот, па во последните десет минути се влезе со резултат 52-59.

mzt 2

Љубичиќ реализираше два напади на стартот од четвртиот период, потоа по офанзивен скок погоди и Урош Луковиќ, па МЗТ Скопје на седум минути до крајот имаше „плус дванаесет“ (56-68). Кумановци се обидоа да се приближат, но не успеаја да сторат ништо посериозно на овој план, МЗТ погодуваше секогаш кога тоа беше неопходно за да се одржи удобната предност, па аеродромци заслужено славеа со конечни 75-82, израмнувајќи на 1-1 во оваа финална серија.

Марко Луковиќ со 16 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски постигна 14, а Протиќ 13 поени за гостите од Скопје. Кај Куманово најефикасни на натпреварот беа Трајковски со 18 и Караџовски со 13 поени.

Третиот натпревар од финалето меѓу МЗТ Скопје и Куманово ќе се игра во вторник во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top