| четврток, 6 декември 2018 |

Потребна е помош: Во пожар изгоре домот на сираците Никола и Даринка во Велес

За помалку од половина час, синоќа, изгоре домот на сираците Никола и Даринка Александрови на улицата „Коле Цветков“ бр. 29 во Велес, пишува порталот „Дума“. Огнот проголта се што ним, пред осум години, им оставија починатите родители. Животот, по втор пат, си поигра со овие деца. Николче сега има 22 години, не е вработен а сам се грижел за себе и за домот, во маалото Црна џамија, од кој остана само пепел и карабина додека пет години помладата Даринка е сместена во Дом за деца без родители. Тие имаат уште една сестра која е мажена но, не живее во Велес.

Очаен по уште едно животно искушение кое го преживеа ноќеска Никола ни пријде и ја отвори железната порта за да ни потврди дека тој не бил дома кога пламените јазици голтале се во неговиот дом.

„Јас бев на гости кај мојата девојка кога еден другар од маалото ми се јави и ми соопши дека гори нашата куќа. Незнам како стигнав до дома. Се обидував тоа да биде што побрзо. Ме затече стравична глетка. Огнот излегуваше од покривот. И додека го слушав пукањето на керамидите ми стануваше јасно дека се е изгорено на најзгорниот кат во домот. Таму јас живеев. Пожарникарите беа качени на соседните покриви и гаснеа довикнувајќи си меѓусебе каде треба да ги насочат шмрковите со вода. Тоа се случуваше додека целото маало беше во целосен мрак поради исклучената струја. Сакав да влезам внатре за да видам дали катот под мојот ќе може да се спаси но, не ми дозволија,“ рече Николче.

Тој се обиде да ги пригуши солзите во очите. Не му беше лесно и додека зборуваше, му трепереше гласот. Се тргна во една од собите. Одтаму излезе по некоја минута и додаде:

„Јас сум вљубеник во домашни кучиња затоа, долу во дворот ги има неколку. Знам дека соседите ме пријавуваа поради нив и се жалеа дека им смета кучешкиот лавеж. Но тие синоќа кога се случи пожарот беа внатре, дома кај мене , затворени и замолчени. Така е со денови, месеци. Се плашев да не ги изгубам и успеавме да ги спасиме со моите пријатели од Здружение за заштита на животни Гласот на животните. И кога јас ги пријавував во полиција заканите од соседите тоа го правев за да ги заштитам нив а не себе си. Само луѓето што сметаат дека тие се поголеми пријатели дури и од човекот ќе можат да ме разберат што зборувам сега за другите не су сигурен,“ рече Никола.

Соседите кои синоќа учествувале во гаснењето на пожарот во домот на Александрови и тие кои живеат во околните куќи раскажаа како на пожарот му претходела расправија помеѓу братот и сестрата Александрови. Дел од нив се сомневаат дека можеби еден од нив е тој што го предизвикал пожарот. Тие очекуваат дека се ќе биде појасно кога полицијата по завршениот увид и прегледаните снимки од камерата поставена на верскиот објект Црна џамија ќе ја утврдат причината за огнот.

nikola31463749927146375018114637499841463749777_thumb_medium490_0

Никола не се сложува со нив.

„Јас и сестра ми и порано сме се расправале и карале но, ни јас ниту таа би направиле вакво нешто. Жалам што соседите така мислат за нас. Но, тие не ја зборуваат вистината и не знаат колку е тешко за една година да ги изгубиш двајцата родители, да останеш сам, да завршиш во дом за сираци и да се бориш со гневот во себе за се она што суровиот живот ти го прави без да имаш било каква вина. Затоа ги молам да не ги извртуваат работите. Тој што не може и не мора да ни помогне барем нека не ни одмага,“ рече Никола.

А нему навистина му треба помош, прво од облека бидејки се што во моментов има се тренерките и патиките што ги носи на себе. Изгорени му се и личните документи а нема пари да извади нови. Деновиве Никола ќе се смести кај пријатели и роднини. Но она што најмногу во моментов му треба е вработување. Тој денеска успеа од вработените во Тутунска банка да го добие бројот на сопствената трансакциска сметка210501614173945 и сега верува дека постојат добронамерни луѓе кои ќе му помогнат со парична помош.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top