| четврток, 6 декември 2018 |

Кукавички крикови од „Павел Шатев“ – Плачат за власт, слават бегство од избори

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Изборите на 5 јуни требаше да стават крај на кризата, да бидат ехо на народната волја и јасен патоказ во кој правец треба да се движи Македонија. Токму затоа СДСМ со сите сили се противеше да излезе очи в очи со народот и коленичеше пред меѓународниот фактор да му помогнат во намерата. Заев и неговата криминална банда во обид да ја продолжат агонијата преку деструктивното сценарио успеаја по вторпат да ја одложат пресудата од народниот суд, но не успеаја во основната цел целосно да го заобиколат народот и насилно да ја преземат власта без да добијат легитимност на избори. Барем засега! Тоа ги боли повеќе од кој било изборен пораз досега затоа што тие никогаш не ни дошле на власт на чесен начин.

Презентирањето на повторното одложување на изборите како „голема победа на шарената револуција“ не е ништо друго, освен кукавички крик на губитник што е свесен дека нема ни теоретски шанси да победи на избори во догледно време. Заев се покажа како погрешна странска инвестиција, која не може да мобилизира народ околу себе и да испорача резултати. Ги чинеше премногу време, пари и ресурси, а место да обезбеди масовна поддршка за сценариото на „чадорот“, тој го разбуди сиот гнев кај народот. Тоа им е јасно и на раководството на СДСМ и на амбасадорите и на посредниците и на шарените револуционери. Најголемата грешка што некои од нив сѐ уште не ја увидуваат е потценувањето на интелигенцијата на обичните луѓе и играњето на картата дека „народот брзо заборава“.

Тоа што сѐ уште некои од опозициските редови не сакаат да го прифатат е дека ќе има пресуда за деструктивната политика на СДСМ, порано или подоцна. Колку што повеќе се одложува, толку ќе биде посурова. Нема да им биде простено изживувањето и понижувањето на народот, лицитирањето со државата и со националните интереси, сојузништвото со разнебитувачите на македонското ткиво, сквернавењето на историјата и на спомениците… Дотогаш, додека опозицијата се охрабри да излезе на избори, државата мора да продолжи да чекори напред, а легитимно избраната власт мора да продолжи да го исполнува ветеното на граѓаните и да ги спроведува реформите.

Да не се залажуваме дека со одложувањето на изборите и со враќање на пратениците во Собранието опозицијата, конечно, ќе почне да се однесува конструктивно. Последиците од вештачки наметнатата криза допрва ќе ги почувствуваме, а опозицијата ни случајно нема намера да се откаже од деструктивното сценарио. Но, одложувањето на изборите без прецизирање конкретен датум во пакет со враќањето на владата во состојба пред Договорот од Пржино сигнализира дека дури и меѓународните посредници веќе немаат никакво алиби со кое ќе го оправдаат несериозното однесување на опозицијата на преговарачка маса. Една и пол година бараа избори, избегаа од два договорени датума, кои и тие ги прифатија, но немаа проблем со месеци да седат во влада што нема легитимност од граѓаните.

Министрите на СДСМ не само што свесно ги опструираа институциите во организирањето фер и демократски избори, туку и на најлош можен начин покажаа како опозицијата планира да практикува власт. Ниту милионите евра на Сорос фрлени за антидржавна пропаганда не го постигнаа ефектот во покорување и во превоспитување на македонскиот народ. Не помогнаа ниту заканите, навредите и понижувањата на неистомислениците. Црните сценарија, едноставно, се покажаа како неуспешни, а сојузот со разнебитувачите на државата како контрапродуктивен во обидот да се мобилизира народот. Џабе пари и „чадори“, кога немаат поддршка од граѓаните. Бесконечното одложување на изборите, очигледно, не помага во зголемувањето на рејтингот на опозицијата, но сѐ досега вршеше голема работа за одржување во живот на комираниот СДСМ. Прашањето сега е кој прв ќе ги исклучи овие политички билки од апарати – „чадорот“, шарените револуционери или народот?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top