Во присуство на голем број писатели и љубители на пишаниот збор, во преполната сала на Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден, на свечен начин беше отворена 17. Литературна манифестација „Илинден 2016“.
Посакувајќи им добредојде на присутните, Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски. Општината, како што рече тој, стана препознатлива токму по Литературната манифестација „Илинден“ поради што им се заблагодари на сите оние што придонесоа оваа манифестација денес да биде една од престижните во областа на културата во нашата земја. Притоа, тој посебно го истакна придонесот на Друштвото на писателите на Македонија.
Во рамките на свеченоста по повод отворањето на Литературната манифестација беше отворена изложба на академик Васко Ташковски. Изложбата насловена „Вселенско патување“, ја отвори писателот Ефтим Клетников. Тој се осврна на творештвото на Ташковски и на самата изложба која е всушност избор од творештвото на овој доајен на македонската ликовна уметност.
Љубителите на уметноста имаат можност да видат 40 дела на овој наш реномиран автор, кој покрај сликањето во маслена техника, работи и акварел, цртежи и графика, а повремено и графички дизајн. Васко Ташковски досега има реализирано 52 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија. За творештвото на Ташковски досега се снимени 8 телевизиски филмови.
Свеченото отворање на 17-та Литературна манифестација „Илинден 2016“ беше заокружено со незаборавниот настап на Драган Даутовски, кој со звуците на кавалот ги разнежи срцата на присутните во театарската сала во Домот на култура „Илинден“.
На Програмата на литературната манифестациja денес во пладневниот термин во 12:00 часот е промоцијата на книги од млади автори, а во вечерниот термин, со почеток во 19:00 часот, ќе бидат одбележани Осумдесет години од раѓањето на современите македонски писатели Оливера Николова, Иван Чаповски и Михаил Ренџов, кои што оставија неизбришлива трага во македонската литература.
Во рамките на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ од 16 до 20 мај ќе се одржи саем на книгата под мотото „Денови на книгата“, каде што љубителите на пишанот збор ќе можат да најдат богат избор на книги и да се запознаат со најновите изданија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.