| четврток, 6 декември 2018 |

Роналдо постигнал устен договор со ПСЖ, на потег е Реал Мадрид

ronaldo i blan

Францускиот весник „Ле Паризиен“ денеска објави „бомба“ дека во летниот преоден рок Кристијано Роналдо ќе го засили францускиот шампион Пари сен Жермен.

Не е никаква тајна дека ангажманот на Кристијано Роналдо станува приоритет на челниците на Пари сен Жермен, кои сакаат токму Португалецот да го наследи Златан Ибрахимовиќ во улогата на лидер на „светците“.

Португалецот веќе извесен период се поврзува со ПСЖ, а вчера „Франс фудбал“ објави и дека се наоѓа на листата на засилувања во летниот преоден рок заедно со Јан Облак и Ласана Диара, а со него во Париз треба да замине и Диего Симеоне. Проблем во овој случај претставува раководството на Реал Мадрид бидејќи Роналдо има договор до 2018 година, но ако самиот тој инсистира да си замине, никој нема да може да го запре.

Според весникот, Роналдо досега имал пет средби со претседателот на ПСЖ, Насер ал Келаифи, а со раководството на францускиот клуб во постојан контакт е и агентот Жорге Мендес.

Финансиските детали не се обелоденуваат, но неофицијално на Роналдо му е понудена плата од 18 милиони евра годишно плус богати бонуси за наредните четири сезони. Сега на потег се челниците на Реал Мадрид, кои треба да „пресечат“ дали да го продадат Роналдо и да почнат со „ремонт“ на тимот откако има најава дека „кралевите“ на крајот од сезоната ќе се разделат и со Џејмс Родригез и Иско. Шпанскиот весник „Ас“ тврди дека разговорите за продолжување на соработката се веќе стартувани, но останува да се види дали Кристијано ќе се согласи да остане во Мадрид, или ќе се реши за нов предизвик во клуб каде дефинитивно ќе освојува уште многу трофеи, со оглед на фактот дека ПСЖ нема соодветна конкуренција во Франција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top