| четврток, 6 декември 2018 |

По 20 години селектор, Благоја Куновски – Доре е избран за нов директор на „Браќа Манаки“

Екипата со која Куновски ќе работи е составена и тој информираше дека Евгенија Теодосиевска ќе биде уметнички директор на „Браќа Манаки“. Теодосиевска долги години, исто како и Куновски, е во организацијата на Фестивалот, пред се таа беше селекторка на докумантарната програма на „Браќа Манаки“

Откако 20 години ја вршеше функцијата уметнички директор и селектор на главната програма, Благоја Куновски – Доре, најпознатиот филмски критичар во следните две години ќе биде директор на Интернациоланиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Годинашното издание „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 10 до 18 септември во Битола, а на 26 мај од Фестивалот ќе го објават и добитникот на наградата за животно дело.

Куновски доаѓа на местото на Димитар Николов – Таки, кој една година беше директор на Фестивалот.

Филмскиот продуцент Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските работници на македонија (ДФРМ) на денешната прес-конференција рече дека на вчерашното Собрание на ДФРМ била разгледана програмата на единствениот кандидат пријавен за оваа функција и скоро едногласно бил избран Куновски за нов директор. Тој на оваа функција ќе биде во наредните две години.

– Искрено се радувам што Доре по 20 години како уметнички директор и главен селектор на фестивалот „Браќа Манаки“ оваа година ќе го води Фестивалот од највисоката позиција како директор. Сметам дека неговото искуство ќе придонесе за тоа Фестивалот да си го врати местото кое му припраѓа и да добие нова димензија на која сите ќе се радуваме – рече Насков.

Новоизбраниот директор изјави дека претставува големо задоволство и пред се обврска да се одржи високото ниво и светскиот углед на фестивалот „Браќа Манаки“.

– Полека се приближуваме кон четири децении и ги повикувам сите заедно да работиме за одржување на големото светско реноме на фестивалот „Браќа Манаки“.  Сите заедно со тој поттик да направиме уште едно успешно фестивалско издание, како што ни доликува, рече Куновски.

Екипата со која Куновски ќе работи е составена и тој информираше дека Евгенија Теодосиевска ќе биде уметнички директор на „Браќа Манаки“. Теодосиевска долги години, исто како и Куновски, е во организацијата на Фестивалот, пред се таа беше селекторка на докумантарната програма на „Браќа Манаки“.

На новинарско прашање во врска со вчерашното Собрание и телефонското гласање Насков одговори дека друштвото сметало дека новиот директор треба да биде избран токму пред Канскиот фестивал кој почнува утре, бидејќи таму се покануваат гости и гледаат филмовите.

Во однос на самото Собрание, посочи дека голем дел од колегите поради професионални обврски не можеле да присуствуваат и бил искористен член 40 од Статутот на друштвото, што дозволува гласањето да биде извршено преку телефонска врска. Тој нагласи дека членовите подоцна во електронска форма  потврдиле дека гласале за програмата на Доре и неговиот избор како директор на Фестивалот.

Продуцентот и поранешен директор на фестивалот Горјан Тозија рече дека членовите на друштвото на поранешниот директор Димитар Николов – Таки, најмногу му забележувале поради носењето одлуки кои се надвор од неговите ингеренции, а се однесуваат на иднината и карактерот на фестивалот.

Преку соопштение до медиуми поранешниот директор Димитар Николов – Таки упати честитка за изборот на Куновски за нов директор на фестивалот.

– Мислам дека во оваа тешка ситуација, Вие сте единствениот што може на своите раменици да го изнесе тешкото бреме кое ќе го носи годинешново издание. Како мој најблизок соработник на изминатото издание и во подготовките на годинешново издание кои ги почнавме уште во ноември 2015 –та година, мислам дека ќе можете да се справите со сите предизвици, се наведува во честитката на Николов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top