Анита Мицова со музика се занимава десет години, а во тој период има снимено пет песни. Нејзиниот впечатлив вокал со години беше дел од ноќните свирки ширум Македонија.
Публиката подобро ја запозна кога беше една од десетте финалисти во музичкото натпреварување „Идол“. По ова натпреварување Анита замина во Италија каде живееше и работеше, а вели дека имала среќа поради тоа што и во Италија заработувала од пеење. Анита во меѓувреме се омажи и стана мајка и заедно со сопругот решија да се вратат во Македонија.
-Со мојот сопруг кој ми е и најголемата поддршка решивме да се тргнеме од западниот и ладен свет и се вратиме во Македонија. Конечно по низа години работа смогнав сила и средства за да почнам да го живеам мојот сон и да снимам македонска музика во боса нова стил. Сепак не се откажувам ниту од настапите во Италија и токму поради тоа мојот албум кој е во подготовка ќе го снимам и на италијански јазик поради тоа што во летниот период имам ангажмани од тамошните клубови и публика која редовно доаѓа на моите настапи.
Анита вели дека не би се пријавила ниту на едно од реалните шоу програми поради тоа што од искуство знае дека таквите шоу програми ветуваат моментална слава и секое чудо поминува за три дена.
Нејзиниот сингл „Два животи“ е најава за нејзиниот албум на кој ќе се најдат уште осум нови песни, а идната недела ќе снима и видео запис за првата нумера од новиот албум.
-Свесна сум дека моите песни можеби нема да се хитовски ама се песни од душа за душа, за уживање и во нив оставив дел од себе. Се решив на ваков стил поради тоа што во изминативе години сум пеела се и сешто, но кога сакав да слушам музика за своја душа боса нова музиката е таа во која се пронаоѓав. Сакам да и презентирам на публиката нешто поинакво и уверена сум дека тоа ќе се препознае и тука во Македонија како што се препознава секаде во светот особено во Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.