За Европа ќе биде „политичка катастрофа“ доколку Австрија воведе погранична контрола на својата граница со Италија, изјави денеска претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
Официјална Виена се заканува повторно да воведе контрола на документите на граничниот премин Бренер, меѓу Австрија и Италија, во рамки на мерките за контрола на миграцијата, доколку Италија не стори повеќе за да го намали бројот на новодојдени мигранти кои се упатуваат за Австрија, пренесе Танјуг.
Во интервју за германската медиумска група „Функен“, Јункер истакна дека Бренер, алпски превој на австриско-италијанската граница, е важен европски транспортен коридор и клучен за врската север-југ за Европа.
„Затоа секоја мерка со која се блокира Бренер ќе има не само тешки економски последици, туку, што е уште поважно, и тешки политички последици“, рече претседателот на ЕК.
Италија, во која од 1 јануари веќе пристигнаа повеќе од 28.500 мигранти, повторно стана една од главните точки за влез за мигрантите, откако беше склучена контроверзната спогодба меѓу ЕУ и Турција и со тоа се затвори дотогаш најфрекфентната балканска мигрантска маршрута.
Преку граничниот премин Бренер дневно во просек минуваат 2.500 камиони и 15.000 автомобили, а на овој клучен премин за италијанскиот извоз во северна Европа и без пограничните контроли веќе и инака има чести застои.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.