| четврток, 6 декември 2018 |

Адријано по стапките на Меси, Нејмар, Маскерано, и тој одбивал да плаќа данок

barcelona

По Меси, Маскерано и Нејмар, Адријано е новиот фудбалер на Барселона што западна во проблеми со даночните власти. Бразилскиот фудбалер избегнувал да го плати данокот и против него е поведена судска постапка. Шпанските власти го обвинија Адријано дека прикрил околу 650 илјади евра.

Исто како и неговите соиграчи и Адријано не ја пријавил вистинската сума кај даночните власти. Сумата од 650 илјади евра што ѝ ја должел на државата, Бразилецот ја уплатил уште на почетокот на март, но судот во Барселона во меѓувреме, сепак, повел постапка и наскоро се очекува да му биде изречена казна.

Фудбалерот што дојде во Барселона во 2010 година од Севилја, од судот е обвинет дека затајувал данок на платата од 2011 година и 2012 година преку офшор-компанија на портигалскиот остров Мадеира.

Најголемата ѕвезда на Барселона, Меси, е обвинет за затајување данок од четири милиони евра од 2006 година до 2009 година, а судското рочиште е закажано за 7 јуни. Маскерано во јануари доби една година затвор за затајување на 1,5 милион евра, но Аргентинецот, сепак, нема да оди в затвор бидејќи направи спогодбен договор со судот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top