| четврток, 6 декември 2018 |

ММТ-Битола со моно-операта „Дневникот на лудиот“ гостува во Риека

Подвижниот музички театар (Moving Music Theatre-MMT) од Битола чиј основач и уметнички директор е композиторот Марјан Неќак во среда, 4 мај, ќе гостува на Меѓународниот фестивал на мали сцени во Риека…

Неќак за МИА изјави дека по настапите во Загреб и Опатија, утревечер настапуваат во Риека, а на 7 мај дома, во Битола на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2016“.

– Пролетната турнеја на ММТ-Битола почна со изведба на монооперата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот ФЕН во Опатија, а продолжи со три изведби во Загреб на новата сцена за независен театар „Рибњак“. Утревечер настапуваме на меѓународниот фестивал на мали сцени во Риека, и веднаш доаѓаме во Битола каде викендов, во сабота ќе настапиме на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2016“, потврди Неќак.

ММТ-Битола подготвува и летна турнеја низ Хрватска, а во прилог на зачестените покани на тамошните фестивали се позитивните критики за монооперата „Дневникот на лудиот“.

– За овој проект Витомир Лончар напиша дека е несекојдневен производ на овие постори. Според него, во секој елемент на ова драмско-музичко-сценско-видео дело, извира извонредност како клучна претпоставка за уметничка вредност, пренесува Неќак кој високо котира на уметничката сцена во Хрватска.

Монооперата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во режија на Марјан Неќак, во која настапува актерот Озрен Грабариќ минатата година беше изведена и на фестивалот „Охридско Лето“, а есеноска прогласена за најдобра претстава во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top