| четврток, 6 декември 2018 |

СЗО предупредува: Маларијата треба да се елиминира од најмалку 35 земји во светот

СЗО објави извештај по повод Светскиот ден на маларија, кој покажува дека треба да се елиминира маларијата од најмалку 35 земји до 2030 година. Во 2015 година, сите земји во Европскиот регион на СЗО, за прв пат пријавиле дека нема случаи на автохтона маларија.

Во 1995 година регистрирани биле 90.000 случаи во овој Регион. Осум земји од другите Региони пријавиле нула случаи во 2014 година: Аргентина, Костарика, Ирак, Мароко, Оман, Парагвај, Шри Ланка и Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, уште 8 земји регистрирале помалку од 100 автохтони случаи на маларија во 2014 година, а 12 земји регистрирале помеѓу 100 и 1000 автохтони случаи на маларија во 2014 година.

“Глобалната техничка стратегија за маларија 2016-2030″, одобрена од Светското здравствено собрание во 2015 година, повикува на елиминирање на автохтоната трансмисија на маларија во најмалку 10 земји до 2020 година.

СЗО проценува дека 21 земја се во состојба да ја постигнат ова цел, вклучувајќи 6 земји од регионот на Африка, каде што товарот на болеста е најтежок.

Од 2000 година, стапката на смртност од маларија се намали за 60% на глобално ниво. Во Африка, стапката на смртност од маларија се намали за 66% кај сите возрасни групи и за 71% кај децата под 5 години.

Напредокот се должи на употреба на основните алатки за контрола на маларијата, кои беа широко распространети во текот на последната деценија: мрежи за кревети третирани со инсектицид, прскање во затворени простори, брзи дијагностички тестови и артемисинин-базирани комбинирани терапии.

Речиси 3,2 милијарди луѓе се во ризик од маларија. Минатата година, 214 милиони нови случаи на болеста се пријавени во 95 земји, а повеќе од 400.000 луѓе умреле од маларија. Во пораст е резистентноста на комарците кон инсектицидите кои се користат во мрежите и при прскањата. Исто така расте и резистентноста на паразитот.

Минатата година, за прв пат, Европската агенција за лекови издаде позитивно научно мислење за вакцина против маларија. Постигнување на целите на “Глобалната технички стратегија” ќе бара висок пораст на глобалното и домашното финансирање – од 2,5 милијарди долари на околу 8,7 милијарди долари годишно до 2030 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top