Документите што се запленети откако беше убиен еден од најпознатите раководител на резервите со нафта од Исламска држава минатата година, откриваат како оваа терористичка група ја водела работата која и носи приходи од дури милион долари дневно, пишува „Дејли мејл“.
Увид во овие документи имаше „Волстрит џурнал“, а откриваат дека човекот на ИД Абу Сајаф, кој бил задолжен за нафтата имал несекојдневна задача, покрај тоа што се занимавал со обвнова на нафтените извори кои ги уништија американските сили во воздушните напади.
Врз основа на табелите кои се запленети може да се види дека вкупните приходи на ИД од нафтата за период од шест месеци, заклучно со февруари 2016 година изнесуваат 289,5 милиони долари. Треба да се напомене дека 72 отсто од тие приходи дошле од Деир Езур и провинцијата ал-Хасаках во Сирија, каде главен збор има Абу Сајаф.
Овој Тунижанец имал свој штаб близу нафтеното поле ал-Омар во провинцијата Деир Езур и бил познат како застрашувачки шеф кој постојано ги држел работниците во страв дека ќе ги премести во Ирак каде раководителите се уште полоши, тврди Ибрахим, поранешен 30 годишен работник на нафтените извори. Тој додава дека другите начини на заплашување биле многу полоши. „Оди да работиш и најди некој со пресечена глава“ – зборувал Абу Сајаф.
Убиен е на 16 мај 2015 година во текот на ненадеен напад на неговиот имот. Под раководство на ИД Абу Сајаф воспоставил систем кој на приватните купувачи овозможувал со своите камиони да дојдат до нафтените полиња за да наточат нафта, но за тоа да платат во готово. Таа сурова нафта потоа се продавала на локални импровизирани рафинерии и преработена да се најде на бензинските пумпи или меѓу шверцерите кои ја продавале понатаму. Најголемата количина на нафта која ја произвела ИД ја купил режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, тврди Министерството за финансии на САД.
„Припадниците на режимот на Асад и ИД меѓусебно се убиваат, а се вмешани во милионска трговија“ – рече Адам Сзубин во име на американското Министерство за финансии.
Примамливи плати
Дел од нафтата која ја произвела ИД завршила во Турција. Токму поради големиот профит од продажбата на нафта САД во своите воздушни напади ја целела нафтената инфраструктура. Сепак, покрај тоа што силите на САД уништиле 30 отсто од нафтената инфраструктура на ИД, оваа терористичка група се уште од продажба на нафтата заработува милион долари дневно, а системот за продажба кој го воспоставил Абу Сајаф останал недопрен.
Оваа терористичка група нуди многу примамливи плати за работниците и тоа дури три пати повеќе од просечна плата во Сирија за сметководител, т.е. 50 долари месечно и околу осум пати поголема плата за техничари на нафтените бушотини. За висината на платата исто така одлучува и бројот на робовите кои работникот ги има во своја сопственост, како и колку е бројно семејството.
Според пишувањето на Волстрит џурнал, должноста на Абу Сајаф ја презел францускиот џихадист Абу Мухамед ал-Франси, кој за резултатите од својата работа го известува својот претходен шеф Хаџи Хамид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.