Меѓународниот ден на џезот 30 април, годинава во Битола ќе биде одбележан со концерт на Сашо Поповски Трио…
Настанот е во организација на Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб) во соработка со Порта Џез, со што Битола по четврти пат се вклучува во оваа глобална акција.
Концертниот настан ќе се одржи во сабота, 30 април, во кафе барот Порта Џез во Битола, со почеток на пладне, во 12 часот. Влезот за оваа денска џез журка е слободен за сите љубители на добрата и квалитетна џез музика.
Сашо Поповски – гитара е македонски џез музичар, композитор и бенд лидер. Неговата музика е спој на традиционалниот и современиот џез, проф. на Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
На настанот ќе биде промовирано и неговото последно ЦД “Gathering” сниман на неговите клупски настапи во битолската Магаза.
Иван Бејков – контрабас е македонски џез музичар, кој е активен повеќе од 20 години како бенд лидер, но и како соработник на врвни џез музичари. Неговиот израз е фузија од конвенционални и авангардни елементи, член е на Македонската Филхармонија.
Гоце Стевковски – тапани е македонски џез музичар, лидер на септет, композитор и соработник. Член е на Македонската Опера и Балет и професор на Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Овој настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува над 1000 настапи и концерти во преку 190 земји во светот. Главниот настан ќе биде во Белата Куќа во Вашингтон, САД со настап на големите звезди: Арета Фреклин, Стинг, Пат Метени, Диана Крал, Херби Хенкок и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.