Новата студија на италијанските научници покажала дека вдовиците живеат со помалку стрес од жените чиишто сопрузи сé уште се живи. Резултатите од истражувањата на научниците од Универзитетот во Падова делумно се во спротивност со претходните, кои упатуваа на тоа дека бракот има позитивно влијание врз здравјето, дека го намалува ризикот од срцеви удари и депресии, како и дека ги зголемува шансите за преживување на ракот.
Шефицата на истражувањето, др Катерина Тревизан, и членовите на нејзиниот тим велат дека според резултатите од студијата, жените по смртта на сопругот се во помал стрес и дека се со подобро здравје, за разлика од мажите врз коишто смртта на сопругата остава негативни последици, бидејќи се навикнати во текот на бракот повеќе да се потпираат на неа.
Сопругите се грижат за домаќинството, децата и здравјето на целото семејство, поради што често се фрустрирани и поизложени на стрес. Се верува и дека поради споменатите фактори меѓу неомажените жени има помалку заболени од депресија. Истата студија покажала и дека жените коишто живеат сами помалку го имаат чувството на вознемиреност, отколку мажите коишто живеат сами, дека се позадоволни и поактивни на работното место.
Според студијата на италијанските научници спроведена во четиригодишен период на 733 Италијанци и 1.154 Италијанки, вдовиците за 23 отсто помалку се во помал стрес отколку од омажените жени.
-Утврдивме дека за разлика од големото мнозинство мажи на коишто смртта на сопругата оставила негативни последици, вдовиците по смртта на брачниот другар биле во помал стрес отколку жените кои живеат во брак. Резултатот од оваа студија е делумно во спротивност со резултатите од претходните истражувања според кои бракот има позитивен ефект на здравствениот статус и долговечноста на двајцата сопружника, вели др Тревизан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.