| четврток, 6 декември 2018 |

Празнувања во пресрет на Велигден – Денес е Лазарова сабота, утре се Цветници

lazar

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е денот на Св. свештеномаченик Василиј Анкирски (Лазарова сабота).

Како еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус, Лазарова сабота е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.

Во Македонија овој празник има големо значење и се прославува низ целата земја. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот, семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.

На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! На овој ден се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.

Во Македонија групи девојчиња облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник.

Cvetnici-620x360

Празникот Цветници секогаш се слави во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.

Кога стигнал Исус до подножјето на маслиновата гора испратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат Осле(магаре). Учениците му донеле, ги ставиле на магарето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим, поздравен од мноштво народ. Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот.

Утрешниот ден нѐ повикува подлабоко да ја доживееме тајната на тие случувања. Во се што ќе доживееме овие денови е скриена и тајната на нашето верување во Исус Христос, нашиот Спасител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top