Живко Мукаетов и официјално ќе продолжи да ја извршува функцијата претседател на Ракометната Федерација на Македонија, откако точката за неговата оставка беше избришана уште на самиот почеток од денешното Собрание на РФМ. Клубовите уште пред неколку дена писмено изразија поддршка на Мукаетов барајќи оставката да биде повлечена, за денеска таква иницијатива да покрене претставникот на РК Пролет, Ѓорѓи Огњановски.
– Пред себе имам писмен документ со потписи и печати од сите клубови делегати, кои му даваат безрезервна поддршка на актуелниот претседател. Затоа, мој предлог е деветтата точка за неговото заминување да биде избришана од дневниот ред бидејќи мој став, а очигледно и став на останатите клубови, е дека тој е најдобриот човек за предводник на македонскиот ракомет – изјави Огњановски пред делегатите, барање што експресно беше прифатено.
Веднаш следеше и обраќање на Живко Мукаетов, кој вети дека во следниот период ќе продолжи со напорна работа за уште поголем развој на ракометот.
– Јас би сакал да се заблагодарам на довербата. Како што и сами знаете, јас таа оставка ја поднесов од принципиелни причини, бидејќи како дел од тој тим што требаше да обезбеди пласман на ОИ, . Од друга страна, гледајќи дека моментот е специфичен и ја имам поддршката од сите, немам многу избор, пред нас е многу работа, сите заедно да го кренеме квалитетот на ракометот во Македонија. Од тој аспект навистина сакам да ви се заблагодарам, многу ми значи и да ви ветам дека до крајот на мандатот ќе работам напорно за ракометниот спорт да функционира уште подобро – изјави Живко Мукаетов пред делегатите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.